Макрон: Непопуларната пензиска реформа е неопходна

Францускиот претседател Емануел Макрон во средата изјави дека пензиската реформа којашто предизвика масовни протести е неопходна и ќе стапи на сила до крајот на годината.

„Дали мислите дека уживам во воведувањето на оваа реформа? Не. Но не постојата стотици начини да се урамнотежи салдото.. оваа реформа е неопходна“, рече Макрон во ретко телевизиско интервју во последниот период.

Реформата, со која старосната граница за пензионирање ќе се зголеми за две години на 64 години, владата ја спроведе минатата седмица, корстејќи ја можноста да го заобиколи гласањето во парламентот.

Реформата предизвика масовни протести во земјата, најлоши по бунтот на „Жолтите елеци“ пред четири години, кои станаа насилна откако законот беше протуркан без гласање во парламентот.

Макрон истакна дека „екстремното насилство“ не е прифатливо. „Ќе се погрижиме животот да се врати во нормала што е можно поскоро и покрај малкуте што ги блокираат работите“, рече францускиот претседател.

Анкетите покажуваат дека мнозинството Французи се против реформата, како и против одлуката на владата да ја наметне. Но, Макрон порача дека ќе остане цврст.

„Меѓу краткорочните анкети и општиот интерес на земјата го избирам општиот интерес… нема да толерираме никакво неприфатливо однесување“, рече тој.

Синдикатите најавија нови штрајкови и протести за четврток.

Макрон рече дека премиерката Елизабет Борн сè уште ужива доверба. Два дена претходно, владата тесно го мина гласањето за доверба поради пензиската реформа.

Соработниците на Макрон рекоа дека нема планови за реконструкција на владата или за предвремени избори, но дека владата ќе се обиде подобро да ги вклучи граѓаните и синдикатите во процесот на донесување одлуки.