Францускиот претседател на прес-конференцијата вечерва во Брисел рече дека „не живееме сите во иста куќа, но живееме на иста улица“
На прес-конференција во четвртокот вечерта, францускиот претседател Емануел Макрон ја истакна „историската“ одлука за доделување кандидатски статус на Украина и Молдавија.
„Тоа е силна политичка одлука“, рече Макрон.
Оцњени дека ЕУ преземала „џиновски чекори“ за да ги подготви двете земји за кандидатски статус навреме за состанокот на Советот.
„Му го должиме тоа на украинскиот народ“, додаде францускиот челник
Макрон призна дека бугарското вето е неправедно за Македонија, којашто „направи толку многу во нивните напори да ги започне преговорите за пристапување“ во ЕУ. Сепак, додаде францускиот претседател, надежите се големи дека ветото ќе биде тргнато откако ќе мине гласањето во бугарскиот парламент, или во петок или следниот понеделник.
„Блиску сме до договор кој овозможува правда за бугарските барања и е компатибилен со тоа што Северна Македонија може да го направи, потребни се видливост и доверба, во следните часови ќе има гласање на бугарскиот парламент, ќе гледаме кон бугарскиот претседател и партиите од сегашното мнозинство, опозициските партии“, рече Макрон.
Додаде дека со „Северномакедонците“ во следните часови ќе разгледува начин да се склучи договорот, за до идната седмица да помине на амбасадорско ниво и да се деблокира процесот.
Рече и дека ЕУ не може да се преправа дека барањата на Бугарија не постојат.
Макрон ја поздрави храброста на порашниот премиер Зоран Заев, кој го смени Уставот и името на државата, а го пофали и премиерот на Бугарија, Кирил Петков за неговата политичка храброст.
Во еден поширок разговор за проширувањето, Макрон инсистираше на тоа дека ЕУ треба да ја направи политиката на проширување „кредибилна“ за земјите кандидати. Тој ја навести неговата „Европска политичка заедница“ како релевантна и ефикасна алатка за да ги држи соседите на ЕУ стратешки блиску додека тие минуваат низ „бавните чекори“ на пристапување и да избегнат „замор од проширувањето“.
„Не живееме во иста куќа“, рече тој, „но сите живееме на иста улица“.