Претседателите на Франција и на САД, Емануел Макрон и Доналд Трамп, разговарале ноќта кон понеделникот за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во конзулатот на неговата татковина во Истанбул, објави Белата куќа.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, известува во писмена изјава дека двајцата челници разговарале телефонски во пресрет на патувањето на американскиот претседател во Франција на комеморацијата од стогодишнината од примирјето во 1918 година. Разговарале за „околносите кои ја следеле трагичната смрт на саудискиот новинар Џамал Кашоги“, истакнува Сандерс.
Откако во почетокот покажа попустливост кон Саудиска Арабија, којашто е стратешки партнер на САД на Блискиот исток против влијанието на Иран, како и најголем купувач на американско оружје и поседник на американски обврзници, Трамп во саботата го промени тонот, оценувајќи дека „очигледно имало мамење и лаги“ од страна на Ријад.
Франција, којашто исто така како и Германија и Велика Британија првично млако и задоцнето реагираше на саудиското признавање за смртта на новинарот, во неделата ја истакна „итната потреба од расветлување“ на случајот.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вети во неделата детален извештај за убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул, а Ријад објави дека саудискиот крал и престолонаследникот го повикале наводно семејството на новинарот да му изразат сочувство.
Ријад во саботата по повеќе од две седмици негирање, призна дека Кашоги бил убиен во конзулатот на Саудиска Арабија во турската метропола, но меѓународната заедница со недоверчивост гледа на верзијата којашто ја понуди саудиската страна, односно дека Кашоги смртно настрадал во тепачка со лица со кои се сретнал во конзулатот. Берлин, Лондон и Париз во заедничкото соопштение објавија дека Саудиска Арабија мора да ги изложи фактите за нејзиното објаснување за смртта на новинарот да се смета за веродостојно.
Портпаролката на американскиот претседател додава дека Трамп и Макрон „исто така, разговарале и за низа економски и безбедносни прашања, меѓу кои и ситуацијата во Сирија“ и повлекувањето на САД од договорот со Русија за нуклеарното вооружување со среден дострел.