Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски за медиумот МКД.мк истакна дека заедно со своите приврзаници ќе формира граѓанско движење по примерот на движењето „За наше Куманово” кое беше формирано за локалните избори. Тој рече и дека пред граѓаните на парламентарните избори ќе се излезе со реално прифатливи политики, како понуда со кои првенствено ќе се направи ред, правен поредок и просперитет на државата, со акцент на економски развој и владеење на правото.
„Тоа ќе биде движење со лев карактер и со централни политики по однос на националните прашања на државата. Никогаш немам кажано нешто негативно за мојата партија СДСМ, но ќе потенцирам дека луѓето кои што во моментов ја водат и менаџираат СДСМ, се далеку од социјалдемократските вредности и партијата ја трансформираа во своевидна приватна фирма, или пак може да се дефинира како груевизам”, потенцира Димитриевски.
Тој истакна дека доаѓаат иницијативи од различни категории на граѓани и од различни места од земјава кои сакаат да се вклучат и да дадат придонес за развој на едно вакво движење со цел да победи оваа идеја.
„Главната наша сила ќе се црпи од граѓаните и ќе се работи за интересите на граѓаните, а во никој случај во интерес на некој политички субјект или поединец. Движењето е веќе регистрирано во Куманово како невладино, а во моментот кога ќе добиеме информација за времето на одржување на следните парламентарни избори, движењето ќе биде официјало промовирано во јавноста”, посочува Димитриевски.
За МКД.мк, Димитриевски информираше дека веќе се работи на програмата и има експерти од буквално сите општествени области.
„Станува збор за врвни интектуалци, теоретирачи и луѓе од праксата, како и за луѓе од реалниот бизнис, но и успешни работници и земјоделци, како и од други категории на луѓе и професии. Верувам дека граѓаните ќе ја препознаат искреноста на ова движење во најава, а потоа и ќе ги увидат реалните специфики кои ќе придонесат да се направи пресврт на политичката сцрена, а тоа значи да се елимириаат сите негативни навики во македонскиот плурализам. А најлошата навика е што граѓаните се ставаат во функција на политиката, а не се става политиката во функција на граѓаните и државата”, изјави Димитриевски.
Во однос на надворешната политика на Македонија, тој вели дека таа е дефинирана во далечните 90-ти години, каде стратегиски интереси се членство во НАТО и во ЕУ, градење на добри односи со сите соседи и создавање нови пријатели во светот.
„Ќе градиме соработка со сите држави, но во интерес на Македонија, со поддршка за развој на демократските општества. Ова движење ќе се држи до тие стратегиски определби за државата, за што впрочем и постоеше консензус. Ние сме подготвени да соработуваме со секоја држава, но која ѝ мисли добро на Македонија”, изјави Димитриевски.