Мали сипаници се шират во Европа, најкритично е во Италија и Романија

Светската здравствена организација предупреди дека во Европа се шири епидемија на мали сипаници, особено во државите во кои е забалежано намалување на процентот на вакцинирање на децата.

Само од почетокот на година во Италија се разболеа 200 луѓе, а во Романија од јануари 2016 година до денес се регистрирани 3.400 случаи на мали сипаници, од кои починале 17 заболени.

– Станува збор за заразна болест, која може рапидно да се прошири. Единствена заштита против сипаници е вакцинирањето, но тоа има ефект само ако е спроведено на ниво на цела држава, односно ако се вакцинирале барем 95 проценти од населението, нагласува СЗО.

Ситуацијата е загрижувачка и во Франција, Германија, Полска, Швајцарија, како и во Украина, каде бројот на заболените е во постојан пораст.

– Во некои држави, како на пример во Украина проблем е недостиг на вакцини. Во Франција процедурата е прекомплицирана, пациентите прво мораат да се најават кај својот лекар по општа медицина, од него да добијат рецепт, сами да ја купат вакцината во аптека и потоа повторно да се најават и да одат да ја примат, вели Сузана Јакаб од СЗО.

Во Велика Британија лани лекарите забележале пораст на заболени адолесценти, кои се заразиле на масовни собири, како музички фестивали на отворено.