Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во придружба на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола денеска престојува во Израел, со цел да изразат солидарност со земјата за жртвите на терористичките напади на Хамас, информира главниот портпарол на ЕК, Ерик Мамер.
Тој додаде дека за време на престојот предвидено е Фон дер Лајен и Мецола да се сретнат со претставници на израелските власти, нагласувајќи дека ЕУ стои на располагање да одговори на потребите на Израел.
– ЕУ го осуди терористичкиот напад на Хамас и изрази длабоко жалење за загубените живот. Исто така кажа дека Израел има право да се брани во согласност со меѓународното хуманитарно право, при што најважна е заштитата на цивилите на двете страни и насекаде, потенцира Мамер.
Според него, цивилите мора да бидат предупредени и алармирани за претстојна воена операција и да им се овозможи да заминат и тоа Израел го прави.
– Таквите масовни движења имаат соодветни хуманитарни последици. Важно е Хамас да не ги спречува овие луѓе да заминат и да не ги користи како човечки штит. Хамас тоа го прави, нешто што се смета за воено злосторство, додаде Мамер.
Тој додаде дека постои загриженост за хуманитарната состојба во Газа, пред се поврзано со недостигот на струја, вода и храна, и затоа ЕУ ги поддржува напорите на ОН за создавање хуманитарна коридор и е подготвена да достави помош во соработка со регионалните партнери и меѓународните организации.
– Европската комисија никогаш не го поддржувала насилството, но целосно го поддржува правото на Израел да се брани, по нападот кога во еден ден беа убиени над 1300 луѓе и да презема соодветни мерки со почитување на меѓународното право, потенцира Мамер.
Како што јави допсиникот на МИА од Брисел, на прашање зошто Фон дер Лајен и Мецола не се среќаават и со претставници на палестинската автономна управа, туку само со израелските власти, Мамер одговори дека претседателката на Еврокомисијата имала неколку контакти со лидери на земји од Блискиот Исток и тие ќе продолжат и во следните денови со сите во власти во регионот.
Портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано, пак, изјави дека ЕУ остро ја осудува изјавата на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија дадена во Катар дека неговата организација „го уништила проектот за соживот со Израел“.
– Тој е водач на терористичка организација и не е наш партнер. Хамас е терористичка организација. Ние ги интензивираме контактите со земјите кои имаат влијание врз Хамас, посебно во Заливот. Тоа е нешто што интензивно го правиме изминативе денови, рече Стано.
Според него, целта на контактите на ЕУ со овие земји е да се влијае врз Хамас и да им се објасни на претставниците на организацијата дека нивните постапки и изјави само им нанесуваат штети на палестинската кауза и на палестинскиот народ.