Поранешниот шеф на изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп, Пол Манафорт ги обвини челниците на министерството за правда за злоупотреба на овластувањата и побара да се ограничат овластувањата на специјалниот обвинител во случајот за наводното руско мешање во американските претседателски избори од 2016 година, Роберт Мјулер, се наведува во тужбата поднесена во средата.
Претходно Мјулер го обвини Манафорт и неговиот деловен партнер Рик Гејтс за перење на десетици милиони долари, добиени од лобистички активности во интерес на владата на Украина. Манафорт и Гејтс, исто така, се обвинети и дека не биле регистрирани за ваквата дејноста како странски агенти, според американскиот закон.
Поранешниот шеф на изборниот штаб на Трамп во својата тужба бара од судот да потврди дека првиот заменик во министерството за правда Род Розенстајн ги пречекорил своите овластувања. Розенстајн му овозможил на Мјулер да истражува странични бизниси, покрај неговата примарна одговорност – да истражува докази за „руската вмешаност“ во американскиот изборен систем. Розенстајн немал право на тоа, наведува Манафорт. Покрај тоа, Манафорт го обвинува специјалниот обвинител дека ги пречекорил своите овластувања кога го започнал случајот против Манафорт и Гејтс.
Манафорт бара од судот „да донесе одлука којашто ќе го спречи господин Мјулер да води истраги за какви и да се случаи кои се надвор од неговите овластувања, добиени со назначувањето“, се наведува во тужбата.
Истрагата за наводното руско мешање во американските претседателски избори, како и за наводниот договор на кампањата на Трамп со руската влада, кои ги негираат и во Белата куќа и во Кремљ, се води и во министерството за правда и во Конгресот. Мјулер досега поднесе обвиненија против Манафорт и Гејтс за незаконско лобирање во полза на Украина. Поднесе обвинение, исто така, и за давање лажно сведочење против поранешниот советник за национална безбедност на претседателот Трамп, Мајкл Флин и за поранешниот советник на кампањата на Трамп, Џорџ Пападопулос. Но во овие обвиненија нема докази за „руско мешање“ или за „заговор на Трамп со Русија“.