Се скратува мандатот на Комисијата за лустрација

Се скратува мандатот на Комисијата за лустрација. Оваа комисија наместо четири, ќе има максимум две години, сметајќи од 1-ви септември годинава кога почнуваат да важат најновите законски измени со кои лустрацијата престанува и нови предмети нема да се процесуираат.

Оваа одлука беше усвоена на денешната седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на која беа разгледани единствените три амандмани, поднесени од пратеничката Роза Топузовска – Каревска, пренесе МИА.

Топузовска – Каревска со едниот амандман предложи три, а со другиот две години да биде мандатот на Комисијата.

Разумен рок за постоење на Комисијата е две до три години. Не верувам во ефикасноста и ажурноста на судството, но сметам дека треба да има разумен рок за завршување на постапките, истакна пратеничката, додавајќи дека моментно има околу 30 обжалени предмети од кои 20-тина се пред првостепениот суд.

Се скратува мандатот на Комисијата за лустрација, прифатени амандманите на Топузовска - Каревска
Се скратува мандатот на Комисијата за лустрација, прифатени амандманите на Топузовска – Каревска

Предлогот беше оценет како логичен и прифатен од предлагачите на законот но, со дополнување по што Топузовска – Каревска ги повлече двата амандмана.

Не би сакале да го исклучиме целосно содржинското ограничување на постапките кое зависи од Комисијата и судовите, а сепак тие треба да имаат некој временски рок. Затоа би предложил да направиме комбиниран амандман кој би го задржал досегашниот текст на членот 5 и на него би се додале зборовите „а најдоцна во рок од две години од денот на почнување на примената на овој закон, рече Антонио Милошоски, еден од предлагачите на законот.

Исто така беше прифатен и третиот амандман на Топузовска – Каревска, а тој предвидува одлуката на судот за постапките кои не би завршиле во предвидените две години додека трае мандатот на Комисијата за лустрација, да биде конечна. Ова решение се дефинира со дополнитетлн член во законот според кој, „за постапките пред надлежниот суд кои ќе завршат по рокот предвиден за функционирање на Комисијата за верификација на фактите, пресудите кои ги донел судот се сметаат за конечни и правосилни“.

Милошоски рече дека амандманот е прифатлив зашто за време на престанокот на мандатот на Комисијата, судот ќе треба мериторно да одлучува, а тоа е во согласност уставното начело за владеење на правото.

Додека постои Комисијата, може да има судска одлука која ќе значи враќање на предметот на дополнително разгледување или одлучување. Во моментот кога нема да постои, ако таков случај се уште е во тек, тогаш Судот ќе одлучува мериторно и неговата пресуда или одлука ќе биде конечна, нагласи Милошоски.

Инаку, досега праксата беше, обжалените предмети, кога ќе заврши судската постапка, да се вратат во Комисијата и таа да донесе конечно решение.

Ако Судот за некој, што Комисијата сметала дека е соработник со службите, констатира дека не бил, тогаш, со враќање назад во комисијата, Комсијата го поништува старото и издава ново решение врз основа на пресудата.

Во текот на расправата и пратеникот Кенан Хасип изнесе предлог – дел од вработените во службата задолжена за лустрација да бидат преземени од Министерството за информатичко општество и администрација доколку се оцени дека нивниот ангажман веќе не е потребен, но членовите на собраниската Комисија не го прифатија со образложение дека може да внесе забуна со оглед дека не прецизира на колку вработени се однесува.

Лустрацијата не се укинува, нити се поништува, туку завршува

Лустрацијата не се укинува, ниту се поништува, само завршува. Сметаме дека траеше сосема доволно за да ги исполни очекувањата, за да се дознае вистината што всушност беше и главната цел на процесот.

Димовски: Лустрацијата не се укинува, ниту се поништува, само завршува
Димовски: Лустрацијата не се укинува, ниту се поништува, само завршува

Ова го изјави пратеникот Илија Димовски, образложувајќи го пред Собранието Предлог-законот за престанување на важење на Законот за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност во прво читање.

Покрај Димовски, предлагачи на законот се и Талат Џафери, Рафис Аљити и Антонијо Милошоски.

Сите акти што се донесени, а се поврзани со процесот на лустрација ниту се укинуваат, ниту се поништуваат. Но, предлагаме, врз база на наша проценка, Собранеито да утврди завршување на процесот на лустрација. Сметаме дека лустрацијата траеше сосема доволно време за да ги исполни очекувањата, за да се дознае вистината што всушност беше и главната цел, не како казна или укор за оние што кодошеле во минатото, туку како процес со кој требаше да се извадат и се извадија на виделина многу темнини од минатото во Македонија, истакна Димовски.

Комисијата за лустрација во досегашниот период разгледа околу 30 илјади случаи на актуелни вршители на јавни фунцки, кандидати за вршители на јавни функции и поранешни функционери, а во близу 300 случаи утврди дека лицата кои биле предмет на разгледување, соработувале со тајните служби.

Лустрираните не беа жртви, жртви беа кодошените, оние кои биле прогонувани и затворани поради идеолошки и политички причини, кои биле ликвидирани со и без судски пресуди, кои со децении биле под постајан полициски надзор, биле тепани, следени, прислушувани, обесправени, насилно преселувани, оние на кои им бил национализиран имотот, кои ги губеле работните места или воопшто не ги добивале, кои ги губеле граѓанските права, правата на пензии иако учествувале во војната како дел од партизанските одреди, потенцира Димовски.

Делото на секој за кој што се утврди дека кодошел, без разлика дали бил пистал, политичар, економист, режисер, никој во ниту еден момент не го оспори, додаде, но фактот дека кодошеле на сметка на свои роднини, пријатели, колеги, мора да се дознае како поука за идните генерации – како не смее да се постапува и да се загрозуваат човековите права.

Димовски оцени дека сите нелогичности и критики насочени кон лустрацијата, ги продуцираше левицата. Со списоците амндмани потпишани од колеги од левицата се релативизираше и се намалуваше значењето на лустрацијата, нејзиниот опсег, дури и не се објавуваа имињата, документите, архивските податоци што потоа се злоупотребуваше – дека Комисијата за лустрација работи тајно, посочи Димовски.

Според него, ако се прашуваше единствено ВМРО-ДПМНЕ, лустрацијата ќе беше многу попрецизна и поефикасна, со поголем опфат. – Идејата на Живко Чинго, Панко Брашнаров, Павел Шатев, Ристо Шишков,…со или без овој закон, победи. Денес живееме во демократија, во независна и суверена Македонија, нагласи Димовски.

Во образложението, тој потсети и дека Советот на Европа и Европскиот парламент во неколку наврати донесоа декларации кои директно го поддржаа процесот на лустрација во земјава и генерално апелираа и ги насочија сите држави од поранешниот комунистички систем во централна и источна Европа да се справат со недеморкатското наследство токму на овој начин.