Лани во октомври здружението на граѓани Асоцијативно собрание на народна обнова на Македонија – АСНОМ, Скопје не доби дозвола за регистрација. Министерството за правда барањето и на ова здружение го оцени како неосновано. Вчера пишуваше дека лани во ноември барањето за регистрација на уште едно такво здружение кое во името го содржи терминот Македонија исто така беше одбиено. Реагираше и поранешната пратеничка Поповска која вели дека се работи за погрешно читање на Уставот, пишува МКД.мк.
Во случајот со здружението АСНОМ Министерството за правда има поинакво образложение зошто негативно било одговорено на барањето за регистрација.
По промената на името, согласно Преспанскиот договор, од Уставот беа избршани одлуките на АСНОМ, а остана само Прогласот на АСНОМ. Со толкувањето на Министерството за правда, сега не се дозволува користење на оваа кратенка во име на здружение на граѓани.
Во образложението се цитираат неколку членови од Законот за трговски друштва: според член 44 став 3 фирмата на трговското друштво е името под кое друштвото работи и под кое што учествува во правниот промет; согласно член 47 став 3 фирмата не може да содржи зборови кои создаваат привид и мешање со фирма на друго друштво, име односно назив на установа или друг субјект; согласно член 52 (2) трговското друштво може да употребува и скратен називна фирмата, која што мора да содржи ознака според која друштвото се разликува од другите трговски друштва, скратена ознака на фирмата на друштвото со седиштето пропишано со овој закон; согласно член 46 (1) зборот Македонија и зборовите изведени од него и неговите кратенки можат да се содржани во името во фирмата само со одобрение од Министерството за правда….
Барателот не ги исполнил условите од овие членови, скратениот назив создава привид со називот Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македнонија (АСНОМ), барањето е одбиено, се вели во одговорот на Министерството за правда.
Во 2019 година во Преамбулата од Уставот зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменети со „Прогласот на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“. Тоа, како што изјави тогаш премиерот Зоран Заев, се прави за да се избегнат проблеми во иднина со Грција. Во Манифестот на АСНОМ се повикува на обединување на Македонците под Бугарија и Грција и бришење на границите кои разделиле брат од брат. „Заради тоа што би предизвикало одредени проблеми тоа ако остане во одредени можни идни времиња на соработката помеѓу Македонија и Грција. Зошто е тоа така? Дел од одлуките на АСНОМ велат Македонци од Грција и Бугарија обединете се. Тоа не е пријателство. Прогласот го нема тој дел“, кажа тогаш Заев.
На вчерашниот текст реагираше и Лилјана Поповска, поранешната пратеничка и претседателката на партијата Демократска обнова на Македонија, коалициски партнер на СДСМ. Таа вели дека се работи за погрешно читање на Уставот. „Нема никаква забрана за зборот Македонија! Секоја страна си го употребува со свое значење и толку! Какво е ова исчашување на и онака тенката смисла што остана во тој текст, кој беше потпишан под уцена на Македонија како држава!? Македонија, Македонци, македонски јазик, се единствените светли точки во текстот, а сега наши министри сакаат да ги избришат и нив!? Не може и не смее“, напиша на својот фејсбук-профил Лилјана Поповска.