Марио Балотели се враќа во репрезентацијата на Италија

Марио Балотели повторно ќе биде дел од италијанската фудбалска репрезентација, два месеци пред бараж дуелот за СП 2022 што „аѕурите“ на крајот од март ќе го играат против Македонија.

Балотели е повикан во тренинг-кампот закажан за крајот на месец јануари, при што фудбалерот ќе има можност да го убеди стручниот штаб да смета сериозно на неговите услуги за обврските во текот на оваа 2022 година.

„Супер Марио“ не е дел од националниот тим уште од септември 2018 година, но Манчини е оптимист дека може да го смири проблематичниот голгетер и да го извлече максимум од него на теренот. Марио Балотели сезонава настапува за турскиот прволигаш Адана, за кој одигра 20 натпревари, притоа постигнувајќи осум погодоци.