Марковиќ: Утре ќе разговараме за прогласување кризна состојба, национализирање на приватните болници

Членот на Советот за безбедност, Ненад Марковиќ, во денешното гостување на Телма истакна дека прогласувањето кризна состојба ќе биде главната тема на утрешниот состанок кај претседателот Стево Пендаровски.

Тој објасни дека самиот Совет за безбедност не може да прогласи кризна состојба, но дека тоа може да го стори претседателот по предлог на членовите на Советот.

– Состанокот ќе биде поврзан со коронавирусот и сите прашања ќе бидат дискутирани, со оглед на тоа што од ден на ден уриваме рекорди со новозаразени. Сите членови на Советот за безбедност, вклучувајќи ги и другите поканети, утре ќе бидат сослушани и ќе биде извлечен заклучок – истакна Марковиќ.

Тој додаде дека национализацијата на приватните болници би се сметала за краен чекор, односно тоа би се презело доколку повеќе не постои друг избор.

– Кризната состојба тоа го дозволува, но тоа ќе наиде на отпор на сопствениците на приватните болници. Најверојатно маргината на профит која тие ја остваруваат е огромна, но тоа е и поентата на приватниот сектор. Национализирање на приватните болници би било нешто крајно, ако нема друг излез. Тоа е и политички ризична одлука, им навлегувате во приватната сопственост. Мислам дека тоа премиерот го спомна повеќе од педагошка функција, за приватните болници да имаат почовечен однос – посочи Марковиќ.

Синоќа премиерот Зоран Заев ги коментираше цените за лекување во приватните болници и рече дека не може да прифати дека 12.000 евра чини лекување со трансплантација на крвта во некоја здравствена институција.

– И што ако имаше вонредна состојба, па да одевме на национализација во овој период? Не ми е својствено дека трошоците се 12.000 евра. Тоа го слушам, не сум го проверил, но во вонредна состојба здравствениот систем мора да биде еднаков за сите, за да нема вакви дисонантни појави – рече Заев во интервју за ТВ 21.

Премиерот кажа дека сѐ што има во приватните клиники го има и во јавниот здравствен систем.

– Ако некој има вишок пари, бујрум, нека оди, тоа се лиценцирани компании, здравствени установи кои работат за профит. Ние како држава не работиме за профит. Трансплантација на крв има на Инфективна клиника, „ремдесивир“ има на Инфективна и се дава по шаблон според упатствата од Светската здравствена организација. Здравствените работници прават сѐ што можат. Јас разбирам дека граѓаните се веќе нервозни – рече Заев, коментирајќи ги апелите и коментарите на социјалните мрежи.