Марсеј славеше во дербито против Лион

Во дербито од 14-то коло на францускиот фудбалски шампионат, Олимпик Марсеј го победи Лион со 1:0 и ја оствари првата победа во последните шест натпревари.

Откако Марсеј забележа четири порази во последните пет настапи и беше елиминиран од европското натрпеварување, тренерот Игор Тудор се најде на удар на жестоки критики, но победата во дербито против Лион веројатно ќе му овозможи малку да здивне.

Марсеј доминираше во поголемиот дел од натпреварот и сосема заслужено дојде до првата победа во лигата од крајот на септември. Решавачкиот гол го постигна Самуел Гиго во 43 минута со глава по корнер на Жордан Верето.

Во претходниот натпревар Лил и Рен одиграа 1:1. Домашните поведоа во 16 минута со голот на Хозе Фонте, а израмни Бенжамин Бурижо од пенал во 58 минута. Во 90 минута Рен остана со играч помалку по исклучувањето на Биргер Мелинг.

Монако на гости го победи Тулуз со 2:0, а стрелци беа Головин во 46 и Емболо во 60 минута. Ница го совлада Брест со 1:0, а Лаборде во 54 минута беше стрелец на решавачкиот гол.

Успешен беше и Ремс кој го совлада Ремс со 1:0 со голот на Балогун во 82 минута од пенал.

Во првиот натпревар во неделата ПСЖ на гости го совлада Лориен со 2:1. ПСЖ многу рано поведе, Нејмар погоди за 1:0 во деветтата минута. Домашните израмнија во 53 минута, а стрелец беше Мофи, но Данило Переира во 81 минута погоди за 2:1 за парижаните.

На табелата води ПСЖ со 38 бодови, Ланс има 33, а Рен 28 бодови. Марсеј сега е четврти со 27 бода, исто толку колку и Монако и Лориен.