Мас: Германија ќе се залага за решение меѓу Скопје и Софија, луѓето веруваат во ЕУ

Германија ќе продолжи да се залага за наоѓање решение за бугарско-македонскиот спор и по завршувањето на германското претседателство со ЕУ на крајот на оваа година, вели германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во интервју за „Дојче Веле“.

– Ние сме последните кои кочат кога станува збор за оваа тема. Во суштина, кога се работи за блокадата, станува збор за билатералните односи на Бугарија и Северна Македонија. Ние, како претседателство со Советот на ЕУ, вложивме многу напор во обидот да се дојде до решение. За жал, без успех – додава Мас.

Според него, земјите од Западен Балкан, аспиранти за членство во ЕУ, направија огромен напредок во последните години, а особено Северна Македонија.

– Луѓето таму својата иднина ја гледаат во ЕУ. Затоа мора да можат да се потпрат на нашите ветувања, во спротивно ќе го завртат грбот – нагласува Мас.

Шефот на германската дипломатија оценува дека европската перспективата е важен стимул за политички и за реформи во делот на правната држава, кои се во интерес и на ЕУ.

Во интервјуто, по повод завршувањето на германското претседателство со Унијата, Мас се осврнува и на пандемијата со ковид-19, новиот Буџет на ЕУ и Фондот за помош, преговорите со Велика Британија по Брегзит, владеењето на правото во некои членки на блокот, тензиите меѓу Грција и Турција и односите со Кина.