(ВИДЕО) Масакр на Флорида на турнир во компјутерски игри, потврдено дека напаѓачот е мртов

Маж отворил оган во неделата на турнир во компјутерски игри во градот Џексонвил во сојузната држава Флорида, при што загинале неколку лица, а и самиот напаѓач е мртов, објави полицијата на првата прес-конференција по инцидентот одбивајќи сé уште да го потврди конечниот број на жртвите.

Полицијата не потврди за која бројка точно мртви и ранети станува збор, меѓутоа, како што објавија телевизиите CBS и News4jax убиени се четири лица, а уште 11 се ранети.

Болнички извори за агенцијата Reuters изјавиле дека во болницата во Џексонвил се донесени шест ранети, од кои едно лице е во критична состојба. Според овие извори, состојбата на другите петмина настрадани се оценува како стабилна и немаат повреди кои се опасни по животот.

Шерифот на округот Мајк Вилијамс на првата прес-конференција по нападот изјави дека во моментот не постои ниедна друга личност осомничена за пукањето, како и дека напаѓачот бил бел маж.

Пукањето се случило во текот на турнирот за компјутерски игри Madden NFL 19, натпреварување во американски фудбал (рагби). Компанијата EA Sports, којашто стои зад натпреварувањето и го поседува Madden NFL 19, соопшти дека соработува со властите во врска со овој случај.

Весникот The Los Angeles Times објави дека напаѓачот бил учесник на турнирот, а отворил оган откако загубил на оваа игра на симулација на американскиот фудбал, убил неколку луѓе а потоа се застрелал.

Организаторот на турнирот „Madden NFL“ на Twitter објави дека „Ова е ужасна трагедија, го изразуваме нашето најискрено сочувство на сите погодени од неа“.

Еден од играчите кој успеал да побегне на Twitter напиша „Штотуку се пукаше на турнирот. Имав среќа. Куршумот ме погоди во прстот“, напиша 19-годишниот Дрини Гџока од тимот Complexity Gaming. Повеќе играчи на социјалните мрежи објавија дека се живи и здрави, иако се преплашени.

Турнирот во видео игри бил пренесуван во живо кога одекнале неколку истрели. На снимките коишто ги емитуваат американските телевизии, се гледа како играчи реагираат на истрелите, а се слушаат и крици по што снимката е прекината.

Натпреварувањето се одржувало во „The Jacksonville Landing“, трговско-деловен комплекс во центарот на градот со ресторани и продавници.

Сојузната американска држава Флорида последните години беше сцена на повеќе вооружени напади со масовни жртви. Во јуни 2016 година беа убиени 49 луѓе во геј клуб во Орландо, а на 14-ти февруари 2018 година 19-годишно момче отвори оган во училиште во местото Паркленд и уби 17 луѓе.