Маск и Twitter одат во октомври на суд поради преземањето за 44 милијарди долари

Тужбата на компанијата „Twitter Inc“ со којашто од претприемачот и еден од најбогатите луѓе на планетата Илон Маск се бара да го исполни договорот за преземање на компанијата сопственик на истоимената платформа за микроблогирање во износ од 44 милијарди американски долари ќе се најде пред судот во октомври, откако судијката во градот Делавер во вторникот реши дека социјалната мрежа заслужува брзо решение на спорот за да се отстрани неизвесноста околу скапата зделка.

Ваквата пресуда претставува удар за извршниот директор и основач на компанијата за вселенски летови „SpaceX“ и на производителот на електрични автомобили „Tesla“, кој во февруари бараше рочиште на коешто би се дознал точниот број лажни профили на платформата. Од „Twitter Inc“ бараа судењето да биде закажано во септември.

Судијката во Делавер изјави дека двете странки имаат право на брзо судење и ги повика да се договорат околу распоредот за постапката за која одреди да трае пет дена.

„Факт е дека одложување би можело да нанесе непоправлива штета на продавачите“, додала судијката алудирајќи на „Twitter Inc“.

Компанијата минатата седмица поднесе тужба против технолошкиот милијардер Маск во обидот да го присили да го доврши нејзиното преземање по цена од 54,20 долари за акција, или вкупно 44 милијарди долари.

Првата седмица од јули Макс објави дека се повлекува од договорот за преземање на „Twitter“, верувајќи дека бројот на лажни или спам профили на мрежата е значително поголем од пријавените „помалку од пет проценти“. Претприемачот, исто така, беше незадоволен од кадровската политика на компанијата, неодамнешните отпуштања и одлуката да се прекинат натамошните вработувања.

Неговите застапници известија дека Маск бил доведен во заблуда при склучување на зделката и дека од „Twitter inc“ подоцна „не успеале или се откажале да ги дадат информациите“, како дека не биле дадени никакви информации за самиот процес на проверка на лажните профили, блокирајќи ги.

Компанијата, пак, ги отфрли тврдењата нарекувајќи го повлекувањето на Маск од зделката „неважечко и погрешно“.