Масовна прослава на шампионската титула во Неапол

Навивачите на Наполи во голем број до доцна во ноќта ја славеа низ улиците во Неапол првата шампионската титула на италијанскиот клуб по пауза од 33 години.

Луѓето пееја и играа на улиците, дел од нив од среќа скокаа во градските фонтани, додека многумина отпоздравуваа со развиорени клупски знамиња возејќи се со скутери низ улиците во Неапол.

Наполи синоќа ја завери титулата со Серија А, прва по пауза од 33 години, откако го освои потребниот бод на гостувањето против Удинезе (1-1).

„Во нашите срца живееше еден сон, Наполи повторно да биде шампион“, пееја насобраните навивачи на Наполи на градските улици.

„Плачам. Ова е историски момент“, изјави за Би-Би-Си, 13-годишнито навивач на Наполи, Едоардо Напа. Тој е дел од младата генерација навивачи на Наполи, кој не бил роден кога клубот предводен од Диего Марадона, последен пат ја освои шампионската титула во 1987 и 1990 година.

За шампионската прослава на локалните жители во Неапол им се приклучија и навивачи од другите делови на Италија, како и од Франција, Шпанија и Велика Британија, прославувајќи го успехот со торти, сладоледи и пијалаци.

„Се чини дека светот овде застанал. Оваа прослава ќе трае најмалку еден месец. Ќе трае до лето. Чувствито е неверојатно. Наполитанците внесуваат љубов во сè што прават, вклучувајќи го и фудбалот“, изјави студентката Амелија Бафи, која од Рим допатува на шампионското славје во Неапол.