Маж кој намерно се фрлил во водопадите на Нијагара, е пронајден жив и здрав педесетина метри подолу, објави канадската полиција во средата.
Полицијата во округот Нијагарини водопади примила повик во вторникот во 4 часот утрото за „човек во криза“, низводно од познатите водопади. Кога полицајците пристигнале на местото, мажот се качувал на заштитната ограда и потоа влегол во водопадот.
По потрагата во подножјето на водопадите, го пронашле како седи на карпа само полесно повреден. Префрлен е во болница.
Мажот се фрлил од канадската страна на Нијагара, на границата со Соединетите држави и преживеал пад од околу 57 метри височина. Полицијата сѐ уште не го откри неговиот идентитет.
Ова е само вториот човек кој го преживеал скокот на ова место, по еден Американец кој се обидел да се убие во 2003 година, објави телевизиската мрежа CBC News.
Весникот Buffalo News пишува дека Нијагара отсекогаш привлекувала налудничаво храбри луѓе кои се надеваат дека ќе го додадат своето име на листата на преживеаните. Според локалните процени бројот на смртните случаи во ваквите обиди или самоубиствата се движи околу илјада, а годишно се регистрираат околу 25 вакви скокови.