Шеесетгодишниот В.С. од Прилеп е пронајден починат на автопатот Велес-Скопје покрај возилото кое тој претходно го управувал.
Д-р Жарко Манасков од Итната медицинска помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес за МИА изјави дека истрагата треба да разјасни дали сега починатиот починал од удар на колата или претходно нешто му се случило. Тој информира дека кога стигнала нивната екипа возилото го нашла уредно паркирано покрај патот.
Во возилото се наоѓала и неговата мајка, 89-годишната Д.С. која седела на задното седиште и, како што информираат од Велешката болница каде е транспортирана, таа имала полесни повреди на главата и нагмечување на десната потколеница. Од Велешката болница потенцираат дека таа е оставена на опсервација во хируршко одделение.
Мајката и синот оделе од Прилеп за Скопје, а сообраќајна несреќа се случила претпладнево околу 10,30 часот.
Во незгодата учествувало едно патничко возило, а во моментов се врши увид на местото на несреќата. Сообраќајот на оваа делница неколку часа е во прекин.