Мбапе потпиша за Реал, тврди Marca

Француската фудбалска ѕвезда и член на францускиот шампион ПСЖ, Килијан Мбапе веќе потпишал договор со Реал Мадрид, пишува шпанскиот спортски дневен весник Marca.

Дваесет ипетгодишниот француски репрезентативец требаше да го извести претседателот на ПСЖ, Насер ал-Хелајфи за својата одлука минатиот вторник. Во исто време, Мбапе наводно побарал од ал-Хелајфи, ПСЖ да престане да му дава нови понуди за продолжување на соработката, пишува Marca.

Мбапе наводно веќе потпишал петгодишен договор во Мадрид кој ќе стапи на сила на 1-ви јули. Заедно со бонусите, во мадридскиот клуб треба да заработува меѓу 15 и 20 милиони евра по сезона, а дополнителна заработка ќе има и со маркетиншките права во Реал.

Трансферот на напаѓачот од ПСЖ во Реал е актуелна тема веќе подолго време. Marca истакнува дека Мбапе во неколку наврати одбивал да ја продолжи соработката со ПСЖ, а според бројните пишувања на медиумите тој сакал уште во 2022 година да се пресели во Реал Мадрид, кој важи за негов омилен клуб од младоста.

По позајмица за сезоната 2017/18, тој конечно се пресели од Монако во ПСЖ во летото 2018 година за 120 милиони евра. Неговиот актуелен договор со клубот од француската престолнина истекува на крајот од оваа сезона, поточно на 30-ти јуни, што значи дека Мбапе во Шпанија доаѓа без обештетување.