МД „Илинден” со свој штанд на Конгресот на ФУЕН во Печ, Унгарија

Македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана со свој штанд се претстави на 67. Конгрес на Федералната унија на европските националности (ФУЕН) што се одржува во унгарскиот град Печ.

– Во рамки на активностите на овој значаен собир, со свој штанд се претстави и нашето друштво. Имаме пропаганден материјал на кој се претставени македонските носии, убавините на областите каде што живеат Македонците, како и примероци од единствениот весник на македонски јазик „Илинден“. Искрен да бидам побуди голем интерес кај учесниците, кои го посетија во голем број, изјави за МИА Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Ѓурѓај, кој учествува на Конгресот, што почна пред два дена, додава дека посебно место на штандот бил отстапен за примероците од фото албумот „Народни носии на македонското национално малцинство во Република Албанија“, што неодамна беше промовиран во Тирана.

Според него и претставниците на другите малцинствата од Европа, на свои штандови се претставиле со пропаганден материјал.

Македонското друштвото „Илинден“-Тирана член на ФУЕН е од 16 мај 2015 година и е дел од работната група на словенските малцинства.

Во овој период редовно учествува на конгреси и други активности, а по предлог на друштвото усвоени се и Резолуции за правата на македонското малцинство во Албанија.