Mеѓународната конференција „Жени во индустријата“ за унапредување на родовата еднаквост

Mеѓународната конференција „Жени во индустријата“ (Women in industry) ќе се одржи на 9. и 10. Октомври 2019, во хотелот Doubletree by Hilton. Дводневната конференција се одржува под мотото „Здружени лидери за унапредување на родовата еднаквост“ и ќе вклучи учесници од различен профил, меѓу кои извршни директори, сопственици, претседатели, менаџери и жени вработени во сите организациски нивоа на домашни и меѓународни компании, како и студенти и активисти.

Образование, регрутирање и вработување, развој на кариера, ангажирање и задржување на вработените се само некои од темите на кои ќе дискутираат водечки експерти во различни области од Северна Македонија, Австрија, Италија, Холандија и Шведска.

Меѓународната конференција „Жени во индустријата“ (Women in industry) е во организација на „Асоцијацијата на здруженија на инженери и на ЕВН Македонија АД.

Конференцијата ќе ја отвори претседателот на Владата Зоран Заев.

„Горди сме што веќе трета година по ред ја организираме оваа меѓународна конференција чија главна цел е промовирање на родовата еднаквост и зајакнување на улогата на жената во општеството. Годинава вклучуваме и повеќе индустрии во кои доминира машкиот пол, а во фокусот е вмрежувањето и запознавањето со светските трендови, по примерот на водечките компании и експертите од различни области. Со „Асоцијацијата на здруженија на инженери“ како наш стратешки партнер и останатите поддржувачи на настанот, продолжуваме да ги поттикнуваме сите засегнати страни проактивно да земат учество во охрабрувањето и зајакнувањето на позицијата на жената во општеството, особено во бизнис секторот“, истакна Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Women in industry е меѓународна конференција со економски императив за создавање родово инклузивен и одржлив раст, фокус на презентирање програми и иницијативи кои го забрзуваат вклучувањето на жените во работната сила, идентификување на алатки кои ќе го олеснат пристапот на жените до разните кариерни можности, како и обезбедување средина во која жените професионалци и студентите имаат можност да преземат конкретни чекори кон унапредување на кариерата преку вмрежување и проширување на можностите за образование.

Заинтересираните кои сакаат да бидат дел од оваа конференција може да се регистрираат на https://womeninindustry.mk/registration/.