Меѓународни инвестициски фондови, меѓу кои Европската банка за обнова и развој и Светска банка, подготвуваат план вреден 4 милијарди евра да и помогнат на Македонија целосно да ја надмине зависноста од употребата на јаглен за производство на енергија, објави Ројтерс, цитирајќи извори од ЕБОР.
Се очекува договорот за планот да биде објавен за време на климатската конференција на Обединетите нации КОП28, која ќе започне на 30 ноември во Дубаи, каде ќе биде претставен планот на кој начин државата ќе може да ги затвори двете термоелектрани РЕК Битола и Осломеј, и да ги замени со 1,7 гигавати енергија од обновливи извори.
Јагленот во Северна Македонија претставува 40 проценти од изворите на енергија, што значи дека тоа е многу и ова е многу важно. Ова е само еден пример за тоа што сакаме да постигнеме во КОП, да го презентираме овој пристап и што тој може да донесе, како и посветеноста на самата држава, изјавил претседателот на ЕБРД Одил Рено Басо за Ројтерс.
Наречен „Инвестициска програма за праведна енергетска транзиција“, планот е дел од напорите за замена на термоелектраните за производство на електрична енергија кои веќе се спроведуваат во земји како Јужна Африка, Иднонезија, Виетнам и Сенегал, во кои се вклучени влади, јавни инвестициски фондови, како и приватни инвеститори.
Ројтерс посочува дека вредноста на планот е соодветна на 2.000 евра по глава на жител на Македонија, што според нив, само ги потврдува проблемите со кои се соочуваат малите и неразвиени економии во обезбедувањето финансии за транзиција кон почисти енергетски извори.
Агенцијата потсетува дека во 2018 година ООН го прогласија Скопје за најзагаден град во Европа, и иако посочуваат дека властите со години работеле кон затворање на термоелектраните и транзиција кон зелени извори на енергија, кризата во 2021 година ги примора повторно да ја стават во функција затворената ХЕЦ ОСломеј.
Портпарол на Светска банка за Ројтерс потврдил дека се разгледува можноста Македонија да добие заем од 85 милиони долари, а одлуката за тоа ќе биде донесена на почетокот на идната година од страна на одборот на банката. Претседателот на ЕБРД, Рено Бисо, посочи дека преку слични заеми се очекува да бидат собрани 300 до 400 милиони евра, а остатокот од средствата ќе бидат обезбедени од други извори, како Меѓународната финансиска корпорација и приватниот сектор.