Медицински отпад носен во Дрисла без да се преработи

Човечки органи, инекции и друг вид медицински отпадоци се преработувал во кругот на поранешно МЗТ и како обичен отпад се депонирал во Дрисла. Случајот е откриен во декември а дури сега откако не добиле одговор од Јавното обвинителство, градоначалникот одлучи да обелодени во јавноста. Вознемирувачки видео снимки од начинот на кој се третирал отпадот. Улични кучиња јаделе од него а отпадната вода ја испуштале во атмосферска канализација која се влева во Вардар. Фирмата Еко клуб отпадот го носела од Битола во Скопје.

Наместо термички да биде обработен и стерилизиран, се случувало медицинскиот отпад да завршува во Дрисла како обичен отпад. Пријавено е до Јавното обвинителство, но оттаму немаме информација за преземени било какви дејствија и дали воопшто официјално е започната истрага. Според нашите сознанија, сторителот се покрива со документација од друга државна надлежна институција.

По дојава на граѓани инспекторот на градот влегол во вонредна проверка при што затекнал како се одвива процесот.

Медицинскиот отпад се обработуваше во машина за сечење која што само го дроби отпадот, но не ги уништува бактериите. Таквиот непреработен медицински отпад го префрлаа во камион којшто не е соодветен за транспорт на ваков тип инфективен и опасен отпад за потоа да биде транспортиран во „Дрисла“ како обичен отпад.

Порталите претходно објавија дека се работи за фирмата Еко клуб .Од 20 јануари откако градот го презема раководството на Дрисла, на  фирмата и е  забрането во депонијата да го носи отпадот. Стерелизаторот во Дрисла е во фаза на набавка, работи само инсенераторот.

Од обвинителството соопштија дека на 13 декември од физички лице добиле пријава за настан кој се случил три дена претходно. Пријавата не била поткрепена со други материјални докази па затоа обвинителот издал наредба полицијата да изврши проверка.

По приемот на известувањето, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошно постапување во предметот. Со оглед на тоа што предметот се наоѓа во предистражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје и надлежниот јавен обвинител во моментов не се во можност да споделат повеќе детали.

Овој нестерилизиран медицински отпад го контролираат санитарниот инспекторат кој е задолжен за проверка на начинот на кој се собира внатре во болницата а потоа надлежноста се префрла на државниот инспекторат за животна средина кои  според градначалникот Шилегов, тврделе дека фирмата работи согласно дозволите.

„Повеќе од 50-ина дена, Град Скопје чека какво било преземање дејствија од Јавното обвинителство, но досега немаме информација дали воопшто официјално е започната истрага. Напротив, според нашите сознанија, сторителот се покрива со документација од друга надлежна институција. Барам ЈО веднаш да започне истрага за овој скандал што претставува опасност по здравјето на луѓето, а исто така барам и Министерството за животна средина и просторно планирање во целост и детално да го испита работењето на сите субјекти кои се под нивна надлежност, особено оние со дозвола за обработка на медицински и опасен отпад“, рече Шилегов.

Одговорајќи на новинарски прашања тој рече дека отпадот во Скопје бил носен од Прилеп и Битола преку субјект регистриран во Битола. Богдановски, пак, рече дека затекнатата ситуација претставува „потенцијална бомба за епидемија“.

„Машината за преработка на медицинскиот отпад за време на контролата не беше во функција и отпадот не беше соодветно третиран, со што отвораше можност за ширење опасни зарази по животот на луѓето и животните. Медицинскиот отпад се обработуваше во машина за сечење која што само го дроби отпадот, но не ги уништува бактериите. Таквиот непреработен медицински отпад го префрлаа во камион којшто не е соодветен за транспорт на ваков тип инфективен и опасен отпад за потоа да биде транспортиран во „Дрисла“ како обичен отпад“, рече Богдановски.