Српскиот амбасадор во Португалија, Оливер Антиќ, загинал во петокот во Лисабон во несреќен случај, соопшти српското министерство за надворешни работи, но португалските медиуми наведуваат дека извршил самоубиство или паднал од карпа обидувајќи се да напрафи селфи.
Засега не е позната точната причина за смртта на Антиќ, иако португалските медиуми тврдат дека извршил самоубиство со скок од карпа, објави интернет изданието на белградскиот дневен весник Вечерње новости.
„Се разгледува и можноста дека амбасадорот се подлизнал кога сакал да се фотографира на работ од карпата и паднал во водата“, се наведува во информацијата.
Португалскиот портал Correio da Manhã, пак, наведува дека српскиот амбасадор починал „откако во петокот во раните попладневни часови се фрлил во морето“ во Бока до Инферно (Устата на пеколот) кај приморскиот град Кашкаиш во округот на главниот град Лисабон.
Други португалски медиуми објавија дека Антиќ „го замолил возачот да го запре автомобилот, излегол и се фрлил од карпата“, но локални официјални извори во Кашкаиш одбиваат да ги коментираат околностите кои довеле до смртта на српскиот амбасадор.
Екипите на итните служби излегле на местото на настанот околу 13,30 часот по локално време и го нашле Антиќ „жив но тешко повреден“ потврдил портпатролот на локалната противпожарна бригада.
Седумдесет идвегодишниот Оливер Антиќ беше професор и декан на Правниот фактултет во Белград и долгогодишен активен член на владејачката Српска напредна партија (СНС). За амбасадор во Португалија именуван е во 2015 година.