Поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев зборувајќи во петокот за Западот кој ја обвинува Русија дека наводно „креира ризик“ од нуклеарна катастрофа со наводно стационирање на своите сили покрај нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина, рече дека несреќи се можни во сите нуклеарни централи вклучително и во Европа, што во западните медиуми веднаш беше протолкувано како „прикриена закана за западните сојузници на Киев“.
Украина ја обвинува Русија дека наводно од таа област ги гаѓала украинските градови знаејќи дека украинските сили не можат да одговорат. Киев, дури, тврди дека руските сили самите ја гранатирале областа околу нуклеарката.
Москва, чиишто сили ја контролираат нуклеарната централа која е најголема во Европа и една од најголемите во светот во која работи сѐ уште украински персонал од самиот почеток на нејзината инвазија, го обвини Киев дека со гранатирање сака да предизвика катастрофа со којашто всушност Украина ѝ се заканува на Европа.
Претходно во петокот Владимир Рогов, член на привремените воедно-административни проруски власти на регионот на Запорожје изјави за медиумите во врска со пожарот кој во четвртокот зафатил дел од нуклеарната централа Запорожје, во близина на градот Енергодар, прецизираше дека нападот ги извела 44-та артилериска бригада на украинската војска.
„Веќе јасно утврдивме кој стрелал и ја гаѓал (територијата на нуклеарката). Тоа се терористите од 44-та артилериска бригада на Вооружените сили на Украина, милитантите на (украинскиот претсеаател Владимир) Зеленски. Тие гаѓаа од правецот на Никопол од 152-милиметарски оружје, целно во нуклеарната централа Запорожје“, рекол Рогов.
Медведев подоцна се осврна на различните изјави во западните медиуми во врска со нуклеарката.
„Тие (Киев и сојузниците) велат дека тоа е Русија. Тоа се 100-порцентна бесмислица, дури и за глупавата русофобна јавност. Велат дека тоа случило сосема случајно: ‘Не го сакавме тоа’. Што да се каже на тоа? Не заборавајте дека Европската унија, исто така, има нуклеарни централи. Несреќи таму, исто така, можат да се случат“, објави на Telegam Медведев, сега потпретседател на рускиот Совет за национална безбедност.
Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) на специјалната седмица во Советот за безбедност при Обединетите нации свикана по барање на Русија и посветена на ситуацијата со нуклеарката во Запорожје, објави дека во моментов нуклеарната централа во Запорожје во моментов не претставува безбедносен ризик и покрај континуираното гранатирање. Експертите на агенцијата дале прелиминарна процена дека „нема непосредна закана“ за безбедноста на централата поради гранатирања или друго воено дејствување, изјави челникот на IAEA, Рафаел Гроси на седницата на Советот за безбедност при Обединетите нации во четвртокот по локално време во Њујорк.
„Меѓутоа, тоа би можело да биде променето во кој и да е момент“, предупредил Гроси и ги повика Москва и Киев да им овозможат на меѓународните експерти пристап до постројките што е побрзо можно.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на демилитаризација на областа околу нуклеарката, а Киев бара да се повлече руската војска од Запорожје и да му биде предадена контролата над нуклеарката. И групата земји Г7 водена од САД повика Русија да ѝ ја врати таа територија на Украина.
Претседателот на комисијата за меѓународни односи на руската Дума, Леонид Слутцки, порача дека идејата за враќање на нуклеарката на Украина претставува „смејурија дури и од аспект на безбедноста“.
„А сите изјави на министрите за надворешни работи од Г7 во пролог на нивните барања не се ништо друго туку спонзорирање на нуклеарниот тероризам“, додава Слутцки во изјавата на Telegram.
Киев во петокот објави дека комплексот бил наводно пет пати погоден во четвртокот, вклучително и просторот близу складиштата со радиоактивен материјал. Привремените проруски власти во блискиот град Енергодар, од своја страна пак, објавија дека војската на Украина двапати ја гранатирала централата.