Медведев: Обидите за проширување на НАТО се подготовка за војна за Русија

Обидите за проширување на НАТО на истокот кон руските граници беа подготовка за војна со Русија, вели поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев во авторскиот текст „Нашиот народ, нашата земја, нашата вистина“ објавен во Российской газете во кој предвидува и распаѓање на западната алијанса.

„Сега е сосема јасно дека во меѓусебните односи на самостојните и суверените држави со англосаксонскиот свет во сегашната конфигурација не може да се зборува за доверба, надежи во пристојноста на партнерите, нивната веродостојност на дадениот збор, па дури и кој сопствените убаво изложени принципи“, пишува актуелниот заменик претседател на рускиот Совет за национална безбедност.

Притоа, продолжува Медведев, Русија „сега нема со кого да разговара, нема за што да се преговара, а нема ниту причини за тоа“.

Истакнува дека денес има многу повеќе нешта коишто разделуваат Русија и Западот отколку што ги обединуваат. Според Медведев, изминатата година била пресвртница во овој поглед, а настаните што се случиле во овој период, мислејќи на војната во Украина, ја анулирале самата можност за дијалог со доверба и меѓусебно почитување.

Медведев истакнува делата и постапките на сегашните и поранешните западни челници се впечатливи со нивниот цинизам. Притоа потсетува на неодамнешното признание на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, дека договорите од Минск за постигнување на мир меѓу властите дојдени во Украина со превратот од 2014-та поддржан од Западот и побунетото руско и проруско население од југоисточните региони биле лажни и започнати само со цел на Украина да ѝ се даде време да се вооружи и подготви за конечната пресметка.

„Односно, тие (преговорите) биле замислени со цел да се подготват за крвава војна. Тоа е она што го направија киевските неонацисти, со целосна попустливост или директна помош од ‘цивилизираните Европејци“, оценува Медведев.

Нагласува дека во тоа време руската страна им верувала на своите западни партнери, неочекувајќи декретно предавство и отворено дејствување против неговата земја од нивна страна. Медведев притоа потсетува на настаните од 2010 година, кога како претседател на државата учествуваше на состаноците на Советот НАТО-Русија.

„Членките на Алијансата тогаш нѐ уверуваат дека не претставуваме закана едни за другите и дека сме подготвени да работиме заедно заради заедничката безбедност во Евроатлантикот. Проширувањето на НАТО на Истокот и подготовките за конфронтација, всушност за војна со Русија, не престанаа ниту за минута. Бескрајни матни потоци од цинички лаги“, потенцира Медведев.

Според него, очигледна е и сеопштата криза на доверба кон западните земји, кои се обидуваат да го конфискуваат рускиот имот и да воведуваат одново и одново санкции со „со еден потег на пенкалото“.

„Со години, можеби и со децении нанапред, можеме да заборавиме за нормализација на односите со Западот. Тоа не е наш избор“, истакнува Медведев.

Русија, вели натаму рускиот високо позициониран политичар, ќе чека „нова генерација разумни политичари“ на Западот, додека ги развива односите со остатокот од светот. Истовремено Медведев во написот ги апострофира неуспесите на САД и нивните сојузници во меѓународната политика.

„Не се остварија мечтите на Западот за униполарен свет, во кој може да владее и да ја диктира својата волја. Згора на тоа, во современите услови Западот воопшто не е во состојба да му понуди на светот никакви нови идеи кои можат да го поведат човештвото напред, да ги решат глобалните проблеми и да ја осигурат колективната безбедност“, пишува во продолжение вториот човек на рускиот Совет за национална безбедност.

Медведев оценува дека постои „глобален идеолошки и филозофски колапс на западниот светоглед, неговиот модел на светскиот поредок“, што е особено забележливо во современите реалности.

 

Колапс на западните сојузи

Во иднина ќе престанат да постојат ткн покривни сојузи на западните земји, во светот ќе се појават неколку макрорегиони, од кои секој ќе има сопствена логика на развој, додека истовремено генерално ќе бидат насочени на партнерство и дијалог, а системот на меѓународните односи ќе стане мултиполарен и ќе се заснова на принципите на „добронамерно немешање“, додава во написот Дмитриј Медведев.

„Порано или подоцна, сојузите на големите и силните западни земји ќе престанат да постојат. Уште сега има доволно трвења дири и во однос на ‘заедничкиот непријател’, што традиционално се однесува на Русија“, пишува Медведев во авторската статија.

Зборувајќи за многубројните „покривни“ (чадор)структури на САД и НАТО, коишто според нивните креатори треба да се сплотат околу „правилните“ устрои, Медведев истакнува дека во таборот на сојузниците „противречностите се видливи со голо око“.

Посочува дека Вашингтон и Лондон, користејќи ја војната и воопшто ситуацијата околу Украина, настојуваат да ја ослабат Европа и нејзиниот индустриски сектор, да го намалат економското влијание на Германија и воената моќ на Франција, да вметнат клин меѓу Кина и членките на ЕУ, да го разбијат плановите за долгорочно партнерство на земјите со меѓудржавните структури и сојузи кои не влегуваат во орбитата на влијанието на САД.

„Во целина, интересите на практично сите големи држави на Западот денес си противречат едни со други, без разлика колку настојчиво да ја уверуваат јавноста во спротивното и создаваат привид на единство“, забележува Медведев.

Според него, може да има неколку варијанти за развој на настаните во оваа смисла.

„Најверојатно ќе се формираат неколку макрорегиони во светот, секој со свои внатрешни правила и логика на развојот, но во целина усогласени на партнерство и дијалог, а не на спротивставувања, И целиот систем на меѓународните односи ќе стане не само мултиполарен, туку и мултиструктурен, заснован на принципите на немешање и добронамерност. Тоа значително ќе ги ослабе влијанието на (сега) водечките меѓународни структури. Но истовремено тоа ќе помогне да се зајакне безбедноста во таквите макрорегиони, што е јасна придобивка“, пишува натаму Медведев.

Смета, исто така, дека некои европски земји ќе се обидат да ја зачуваат својата независност колку што можат најдобро.

„Посебна тема е како земјите како Полска, на пример, ќе излезат од сопствените стапици, моделот на импотентна злоба и ретка налудничава русофобија, зависности и контролирање. Дури и во оваа земја, веќе признаваат дека влогот во бескрајната конфронтација со Русија ја доведе Варшава во ќорсокак“, продолжува Медведев.

Смета дека „балтичките земји се ставија во најглупаваата позиција“.

„Провинциската тесноградост, безобразието, манирите на крадци лакеи, тоа е нивниот политички стил, од кој се згрозува остатокот од Европа. Според сѐ судејќи, социјалните експлозии во овие земји ќе доведат до неизбежни промени на власта“, вели Медведев.

Потенцира дека новиот свет ќе биде подготвен да соработува со Западот, „но само врз принципите на еднаквост и меѓусебно почитување“.

„Ќе биде потребна сила и политичка волја за да нема колапс во ова конфронтација. И тоа ќе потрае многу долго. Но во секој случај, суверените држави веќе не ги прифаќаат обидите да им се наметнуваат принципи на светскиот поредок според американските обрасци. Јасното разбирање на таа вистина е, исто така, еден исходите од случувањето во минатата година“, заклучува Медведев.