Медведев: Проектот на Киев за безбедносни гаранции е чекор кон глобален конфликт

Поранешниот руски претседател и премиер а сега заменик челник на влијателниот национален Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, оцени во вторникот вечерта дека проектот на Киев за безбедносни гаранции на Украина претставува прв чекор кон глобален конфликт.

„Киевската камарила изроди проект за ‘безбедносни гаранции’, кои всушност се пролог кон третата светска војна. Се разбира, никој нема да даде им никакви ‘гаранции’ на украинските нацисти“, објави Медведев на својот Telegram канал.

Истакнува дека претставениот предлог во Киев речиси значи примена на петтиот член од договорот на НАТО и за Украина. Во него се наведува дека доколку една членка на Алијансата биде нападната, сојузниците тоа ќе го сметаат за напад врз сите земји од блокот и ќе преземат активности кои ги сметаат за неопходни.

Медведев во продолжение предупреди дека натамошното трупање оружје во Украина може да резултира воениот конфликт со Русија да се премести на друго ниво. Но тогаш западните земји нема да можат „да седат во своите чисти домови“, бидејќи „сѐ околу нив ќе се разгори“.

Кабинетот на украинскиот претседател Владимир Зеленски претходно во вторникот објави нацрт-проект за безбедносни гаранции за Украина под наслов „Киевски безбедносен договор“ кој го претставиле шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак и поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен. Се тврди и дека во подготовката на нацрт-договорот учествувале западни експерти, меѓу кои поранешни и сегашни политичари и стручњаци.

„Безбедносните гаранции треба да бидат афирмативни и јасно формулирани, тие ќе наведат низа обврски преземени од групата (земји) гаранти заедно со Украина. Тие треба да бидат обврзувачки врз основа на билатерални договори, но обединети во заеднички документ за стратешко партнерство наречен Киевски договор за безбедност“, го цитираат агенциите објавениот украински нацрт.

За разлика од другите претходно предлози на истата тема, се забележува дека сега претставениот документ не предвидува ниту неутрален блоковски статус на Украина, ниту учество на Русија како еден од гарантите за безбедноста на соседната земја со која сега војува.

„Најсилната гаранција за безбедноста на Украина е нејзината способноста да се брани… Тоа бара долгорочни стабилни вложувања во воено-индустриската база на Украина, големи испораки на оружје и разузнавачка поддршка од сојузниците, интензивни мисии за обука и заеднички вежби под покровителство на ЕУ и НАТО“, се наведува натаму во текстот.

Во нацртот на „обврзувачкиот договор“ се наведува дека договорот може да ги обедини „главната група сојузнички земји и Украина“, како да се вклучат дополнителни договори, како на пример, за снабдување на Украина со системи за противвоздушна и ракетна одбрана, за регионалната безбедност во Црното Морe…

„Таа група земји може да ги вклучува САД, Велика Британија, Канада, Полска, Италија, Германија, Франција, Австралија, Турција, како и земјите од северна Европа и Балтикот, од централна и источна Европа“, се додава во документот.

Суштината е да се направи листа од воени, инфраструктурни, технички и информативни мерки, коишто ќе бидат итно применети од другите земји во случај на напад од трета страна врз Украина. Договорот, исто така, треба да предвидува и примена на „сеопфатен пакет санкции против земјата агресор“.