Најдобриот руски тенисер Даниил Медведев, третопласиран на АТП рангирањетп, го победи Данецот Холгер Руне кој е седми на АТП листата, со 7:5, 7:5 во неделното финале на турнирот во Рим и со тоа дојде до својата 20-та титула во кариерата и прва на земјена подлога во серијата Мастерс 1000, со што стана првиот Русин со титула во „Вечниот град“.
Ова беше 33-то финале за 27-годишниот Медведев, шесто оваа сезона во која стигна до својата петта титула, откако претходно триумфираше на турнирите во Ротердам, Доха, Дубаи и Мајами.
Во изедначениот прв сет рускиот тенисер дојде до решавачкиот „брејк“ кога Руне требаше да се избори одлуката да се носи во „тај-брејкот“. Руне имаше 30-15, но Медведев со два директни поена и една изнудена грешка го скрши сервисот на 20-годишниот Данец.
Во вториот сет Руне двапати имаше брејк предност (2-0, 5-3), но Медведев и во двата случаи одговорараше со освојување на гемовите во серии: во првиот освои три гема, а на крајот од мечот дури четири. Часовникот запре по 102 минути, кога Руне го префрли теренот на втората меч топка, а Медведев можеше да почне да слави.
Со титулата во Рим, Медведев во понеделник ќе се помести на второто место на поединечното АТП рангирање, бидејќи ќе го истисне минатогодишниот римски победник Новак Ѓоковиќ на третата позиција. За едно место ќе го подобри рангирањето Холгер Руне, кој од седмото ќе скокне на шестото место и со тоа ќе стаса до својот најдобар пласман во кариерата.
Медведев според бодовите освоени само оваа сезона – 4.300, е прв во Трака кон Торино со речиси илјада бодови предност пред второпласираниот Шпанецот Карлос Алкараз со 3.455 бодови, кој, пак, е пред Русинот според бодовите освоени последните 12 месеци – Алкараз има 6.815 а Медведев 6.330 бодови