Меѓународниот сојуз на Боки 13 тврди дека работел законски

Три недели по приведувањето на Боки 13, се огласи невладината Меѓународен сојуз. Новинарот Геровски, кој прв ја отвори аферата, вели дека недостасува клучниот одговор – каде се парите.

Продолжуваме ревносно да работиме на проектите, а за парите префрлени на координаторите Финансиската полиција не утврди недоследности, соопштија од Меѓународниот Сојуз на Боки 13, по пишувањата во медиумите за двата договора кои оваа организација ги склучи со градежните компании Пелистер и Дрим билдинг, за изградба на старечки домови.

Ова, во соопштение до јавноста, го пишува попретседателката на невладината, Јасна Ерцеговиќ, откако претседателот на сојузот, Бојан Јовановски е во притвор, како прво-осомничен за случајот Рекет.

„Хонорарот пристигнат на сметка на Л. Т., еден од координаторите и идеен творец на проектот, веќе беше предмет на истрага од страна на Финанасовата полиција и ОЈО, по што се утврди дека транскацијата е во рамките на позитивните законски прописи и истрагата е сопрена. Временското одлагање на остварувањето на целите на Меѓународниот сојуз е исклучиво од објективни причини“.

А токму поради неисполнетите обврски, сопственикот на фирмата Дрим Билдинг, Ардиан Амзоски си ги побара 233-те илјади евра назад, кои претходно, преку авторски договор и ги префрлил на потпретседателката на Сојузот.

Од друга страна, Лилјана Тодоровска, авторот на проектот за старечки домови и фамозната старица која преку авторски договор од градежната фирма Пелистер, на Силјан Мицевски, доби над 700 илјади евра, пак сведочеше дека е злоупотребена, измамена и дека парите во банка ги подигнала жена од Сојузот. Мандиќ молчи и се уште немаме одговор ниту која била претставничката од Сојузот која зела од банка илјадници евра во кеш.

Но никој не кажува каде се парите.