Мегваер бара висока отштета од Јунајтед за да се пресели во Вест Хем

Манчестер Јунајтед ја прифати понудата на Вест Хем за трансфер на Хари Мегваер, но веќе поранешниот капитен на „црвените ѓаволи“ никако да го напушти „Олд Трафорд“.

Раководството на Јунајтед во меѓувреме добило порака од агентите на дефанзивецот дека тој очекува сериозна „исплата“, доколку сакаат да се ослободат од него и неговиот договор пред истекувањето на истиот.

„Сан“ тврди дека Мегваер побарал фиксна сума од 15 милиони фунти за да замине ова лето, односно да ја прифати понудата на Вест Хем, каде сигурно би имал многу поголема минутажа.

Лондонскиот клуб прифати да плати 30 милиони фунти за Мегваер, но со последното сценарио, Јунајтед би требало половина од таа сума да му ја префрли на фудбалерот за да го одоброволи неговиот трансфер во Вест Хем.

Мегваер го објаснил овој потег со фактот што мора да прифати намалување на платата во новиот клуб, па наместо 190.000, би заработувал 120.000 фунти неделно, што за четиригодишен договор значи разлика од речиси 15 милиони фунти.

Истовремено, пролонгирањето на овој трансфер го блокира и најавеното пристигнување на Бенжаман Павар, за кого Ерик тен Хаг е подготвен да инвестира соодветна сума и да го добие Французинот од Баерн Минхен.