Британската премиерка Тереза Меј има намера во понеделникот да порача дека сега е многу поверојатно пратениците да го блокираат брегзитот отколку Велика Британија да ја напушти Европската унија без договор.
Британскиот парламент е на мртва точка во поглед на тоа како да се постапи со брегзитот, најголемото скршнување на Велика Британија во надворешната и трговска политика во повеќе од 40 години, и се очекува дека во вторник ќе гласа против предлогот-договор кој премиерката Тереза Меј го постигна по мачните преговори со Брисел, со што истапувањето од Европската унија ќе стане уште понесигурно.
Малцинската влада на конзервативците на Меј, којашто ја поддржува малата унионистичка северноирска партија DUP, минатата седмица по прашање на брегзитот двапати беше поразена во парламентот, а пратениците создадоа нова пречка за постигнување договор и ја принудија премиерката да вети дека ќе дојде во парламентот со „план Б“ во период од неколку дека доколку нејзиниот договор со ЕУ биде одбиен.
„Во Вестминистер има некои кои сакат да го одложат или дури да го запрат брегзитот и коишто би искористиле секој начин што им е достапен тоа да го сторат“, ќе каже Меј во говорот пред фабричките работници во градот Сток-он-Трент во централна Англија, според порано објавените извадоци од нејзиниот говор.
Меј има намера да порача и дека смета оти е поверојатно дека членовите на парламентот ќе го блокираат брегзитот, отколку дека Велика Британија ќе ја напушти ЕУ без договор, според соопштението од кабинетот на премиерката.
Договорот на Меј со Брисел е критикуван од сите страни, како и од противниците на ЕУ коишто бараат чисто прекинување на врските и многуте проевропски ориентирани кои бараат распишување нов референдум убедени дека овојпат за разлика од оној во јуни 2016-та ќе победи опцијата за останување во Унијата. Весникот The Sunday Times, повикувајќи се на висок владин извор објави дека целта на побунетите пратеници од Конзервативната партија на Меј е да го суспендираат или одложат брегзитот.
Повикувајќи ги пратениците да го поддржат нејзиниот договор со ЕУ, Меј има намера да порача и дека во пресрет на референдумот од 2016 година и нејзината Конзервативната партија и на опозициската Лабуристичка партија јасно порачаа дека ќе ја спроведат волјата на британските избирачи искажана на плебисцитот. „Тоа беа условите под кои луѓето гласаа. Доколку повеќето го подржаа остануваењето, Велика Британија ќе продолжеше да биде членка на ЕУ“, ќе истакне Меј. Премиерката има намера и да ги повика пратениците да „размислат за последиоците коишто нивните дела ќе ја имаат врз вербата на британскиот народ во нашата демократија“.
Европската унија би требало подоцна во понеделникот да и’ упати писмо на британската влада во коешто ќе ги наведе гаранциите за ирскиот „бекстоп“, објави ирската јавна телевизијата RTE, додавајќи дека во писмото ќе биде наведено дека не може да има нови преговори за ирскиот заштитен механизам. Tаканаречениот „бекстоп“ e резервното решени за осигурување на отвореноста на границата меѓу Република Ирска којашто е дел од Европската унија и Северна Ирска, којашто е покраина на Обединетото Кралство.