Меј го брани одложувањето на брегзитот, критичарите бараат оставка

Британската премиерка Тереза Меј ја бранеше во четвртокот одлуката за одложување на датумот на кој Обединетото Кралство дефинитивно ќе ја напушти Европската унија, и побара компромис за начинот на кој ќе биде остварен брегзитот со челникот на опозицијата, додека нејзините конзервативци во парламентот побараа оставка од неа.

Европската унија се согласи да го одложи брегзитот до 31-ви октомври, а премиерката Тереза Мај бара договор со челникот на опозициските лабуристи Џереми Корбин, за Долниот дом на парламентот да го одобри нејзиниот претходно веќе трипати отфрлен договор за раздружувањето со ЕУ.

„Тоа не е вообичаена британска политика, постигнувањето на договорот нема да биде лесно, бидејќи за успех ќе биде потребен компромис од двете страни“, рече Меј во парламентот.

Меј во раните утрински часови во четвртокот на самитот на ЕУ во Брисел го договори одложувањето на брегзитот, со што спречи Велика Британија да го напушти блокот без договор во петок. Меѓутоа, пружи малку нови информации за тоа како ќе биде надмината најголемата британска политичка криза во повеќе од седум децении.

Одлуката за второто одложување на брегзитот предизвика гневна реакција на приврзаниците на тврдата линија, и во владејачката Конзевативна партија на премиерката Меј, кои сакаат Европската унија да биде напуштена што е можно поскоро.

Така, познатиот евроскептик меѓу ториевците, сер Вилијам Најџел Пол „Бил“ Кеш, потегот на премиерката го нарече „бедно предавство“. „Прифаќа ли таа, исто така, дека договорот за повлекувањето ја поткопува нашата демократија, уставната основа на Северна Ирска, нашето право самите да владееме, контролата над нашите закони, како и дека ги поткопува нашите национални интереси? Дали ќе отстапи?“, рече Кеш.

„Мислам дека го знаете одговорот“, возврати Меј. Рече дека и самата смета оти ништо не е поважно од напуштањето на ЕУ, и истакна дека Велика Британија го ратификувала договорот за повлекувањето што е поскоро можно, за да се избегне распишувањето на изборите за Европскиот парламент закажани за 23-ти мај.

Опозицискиот лабуристички челник Џереми Корбин беше критичен кон неопходноста од натамошно одложување, но и свесен дека мора и натаму да преговора за да се излезе од ќорсокак. „Ова второ одложување во две седмици претставува не само дипломатски неуспех, туку е нов пресврт во владиното погрешно водење на брегзитот“, оцени Корбин.

И Меј и Корбин истакнаа дека сакаат да ги продолжат разговорите. „Одиме тогаш да пронајдеме начин за решение на кризата за да можеме договорно да ја напуштиме Европската унија, што е порано можно“, рече Меј.

Но евроскептиците во нејзината партија не го споделуваат истото расположение, и ја предупредуваат Меј дека повторно, по четврти пат, ќе гласаат против договорот, имајќи предвид дека во него нема ништо ново. „Истрајноста е доблест, но чистата тврдоглавост не е“, порача евроскептичниот ториевец и пратеник во парламентот, Марк Франсоа.