Британската премиерка Тереза Меј во вторникот ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел и со францускиот претседател Емануел Макрон, ден пред да побара уште едно одложување на датумот на излегувањето на Обединетото Кралство од Европската унија.
Меј во Берлин ќе се сретне со Меркел, а во Париз ќе разговара со Макрон, во обидите да го избегне заминувањето на нејзината земја од ЕУ во петок, на 12-ти април, без договор. Британската премиерка најави дека ќе бара ново одложување до 30-ти јуни на самитот во средата, но Брисел веќе предупреди дека од неа очекува конкретен план, доколку сака дополнително време за брегзитот.
Британскиот парламент веќе трипати го отфрли договорот кој Меј го испреговара со Брисел за напуштањето на Унијата, но истовремено не се договори за некоја друга опција. Во понеделникот доцна навечер парламентот изгласа закон, кој го предложија опозициските лабуристи, а според кој владата мора од парламентот да побара дозвола за поднесување барање до Брисел за одложување на брегзитот. Со овој закон парламентот дополнително сака да обезбеди Британија од Унијата да не излезе без договор.
Според ова, владата во текот на денот подоцна во вторникот од парламентот би требало да побара дозвола од ЕУ да побара одложување на брегзитот. Во Лондон и натаму траат преговорите меѓу конзервативците и лабуристите во обидот да се најде компромисно решение за брегзитот. Челникот на лабуристите, Џереми Корбин, во понеделникот рече дека конзервативната влада е истрајна на своите позиции и одбива да ги уважи барањата на лабуристите, меѓу кои е и царинската унија со ЕУ.