Британската премиерка Тереза Меј во неделата изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп ѝ кажал дека би требало да ја тужи Европската унија по излегувањето на Обединетото Кралство и да не оди на преговори, пренесува BBC.
Имено, американскиот претседател на заедничката прес-конференција рече дека дал еден предлог, но дека таа го смета „пребрутален“.
„Ми кажа дека треба да ја тужам ЕУ, а не да се оди во преговори“, одговори Меј на прашањето на BBC за кој предлог станува збор.
Премиерката го бранеше својот нацрт-договор за Брегзит и ги повика критичарите да го поддржат. Според неа, тој на Велика Британија ќе ѝ овозможи склучување договори со другите држави, е стави крај на слободното движење на луѓето и јуриздикцијата на Европскиот суд на правдата.
„Белата книга“, којашто беше претставена во четвртокот, содржи детали од планот кој промовира блиски врски со ЕУ во врска со трговијата на стоките, но не и на услугите.
Пред објавувањето на овој документ, министерот за Брегзит, Дејвид Дејвис и министерот за надворешни работи Борис Џонсон, поднесоа оставки, со образложение дека овој план нема да доведе до онаков Брегзит каков што го гласаа Британците на референдумот во јуни 2016 година.