Предлог-договорот за брегзитот е добар за Обединетото Кралство, изјави британската премиерка Тереза Меј во четвртокот веднаш откако преговарачите на Брисел и на Лондон објавија дека ги договориле рамките на политичката декларација за односи откако вечерта на 29-ти март 2019 година Велика Британија ќе излезе од Европската унија.
„Тоа е добар договор за Обединетото Кралство. Тој на дело ги спроведува резултатите од референдумот“ од јуни 2016 година за излегувањето на Велика Британија од Европската унија“, изјави британската премиерка пред седиштето на нејзината влада во Даунинг Стрит.
Меј изјавата ја даде откако преговарачите на Европската унија и на Велика Британија постигнаа договор за контурите на меѓусебните политички односи по излегувањето. Нацрт декларацијата е испратена до 27-те преостанати земји членки на Унијата, а во недела на вонреден самит во Брисел треба да го потврдат челниците на овие земји членки.
„Британците сакаат (…) договор кој не’ подготвува за подобра иднина. Договорот е на дофат и решителна сум да го спроведам“, изјави премиерката Тереза Меј која се подготвува за состанокот со австрискиот канцелар Себастијан Курц, чијашто земја во моментов претседава со Европската унија.
Во четврткот попладнето Меј треба да им се обрати на пратениците во британскиот парламент. Нацртот од договорот меѓу Брисел и Лондон минаа во британската влада со четири министерски оставки, а минувањето во британскиот парламент и натаму е многу неизвесно, имајќи предвид дека голем дел од пратениците на владејачката Конзервативна партија на премиерката не се задоволни од текстот на предлог-договорот.
Во средата доцна вечерта Меј резговарала телефонски со шпанскиот премиер Педро Санчез кој се заканува дека во недела на самитот на ЕУ ќе гласа против договорот за брегзитот, доколку текстот не биде изменет. Мадрид сака во договорот јасно да биде запишано дали тој ќе има право на вето на идните преговори за Гибралтар, британската енклава на југотод Шпанија на стратешки важниот поморски пат меѓу Европа и Африка, над кој шпанската држава бара суверентитет. Меј е убедена дека и за Гибалтар ќе биде постигнат договор.
„Сношти разговарав со шпанскиот премиер Педро Санчез и убедена сум дека ќе можеме во недела да постигнеме договор за целото британско семејство, вклучително и за Гибралтар“, рече британската премиерка.
Функционер од британската влада, кој сакал да остане анонимен, за агенцијата AFP рекол дека прашањето на Гибралтар „во никој случај не е решено“ и дека „дваесет и седуммината за тоа допрва мора да се договорат“.