На денешниот настан по повод отворање на Политичката академија на Фондацијата Конрад Аденауер „Поттикнување на демократијата на локално ниво“ преку конференциска линија и во салата на присутните учесници им се обратија Дејвид Мекалистер, потпретседателот на Европската народна партија, Даниел Браун, официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, како и Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и Стефан Андоновски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на ПИАЦ „Љубиша Георгиевски“.
Господинот Дејвид Мекалистер посочи дека според него вниманието на сите политички партии треба да биде насочено да се подобри животот на населението во локалните средини.
-Вие како партија и вие Христијан Мицкоски како претседател ја имате нашата поддршка, односно поддршката на Конрад Аденауер. Сега на 17-ти октомври мора да се одржат слободни и фер избори, истакна господин Мекалистер и им посака успешна работа на учесниците.
Гоподинот Даниел Браун во своето обраќање истакна дека локалната политика е базичната политика што е основа за здраво демократско општество.
-Токму затоа оваа политичка академија организирана од Фондацијата Конрад Аденауер и ПИАЦ „Љубиша Георгиевски“ е наменета преку богатата и разновидна програма со учество на домашни експерти но и на искусни експерти од Германија во сферата на локални политики да придонесе за развој на капацитетите на идните градоначалници и советници на ВМРО-ДПМНЕ. Локалната политика е таа која е најблиску до Граѓанинот и политичките претставници имаат директна одговорност пред своите сограѓани, говореше тој.
Браун им посочи на учесниците дека смета дека оваа академија ќе понуди можност за размена на искуства и можност да учиме едни од други развивајќи локални политики за доброто на граѓаните.
Господинот Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ се осврна на визијата на академијата – која како што рече треба да им послужи на идните градоначалници и советници во практичната реализација на изборната кампања, подготовката на програмата, но најмногу, во водењето на општините.
-Победата е пред нас, но за неа треба да се избориме за решенија за сите луѓе на Македонија, рече Андоновски.