Мекалистер: Не верувам дека сите земји од Западен Балкан истовремено ќе влезат во ЕУ

Известувачот на Европскиот парламент за Србија Дејвид Мекалистер изјави денеска дека регионалната соработка на земјите од Западен Балкан е подеднакво важна како и нивниот европски пат, но додаде оти не верува дека сите шест земји истовремено ќе се приклучат кон Европската унија, пренесува МИА, повикувајќи се на Танјуг.

– Сите шест земји мораат поединечно да се анализираат. Србија може да се приклучи кон ЕУ тогаш кога ќе биде подготвена, но ние во меѓувреме ќе преговараме и не верувам дека сите шест земји ќе се приклучат истовремено во ЕУ, рече Мекалистер на панелот посветен на европските интеграции на 15. Економски самит на Србија.

Тој изјави дека Србија и Црна Гора направиле големи чекори кон ЕУ, додека ситуацијата во Македонија е загрижувачка.

Тој истакна дека соработката меѓу државите во регионот е мошне важна, а улогата на Србија во тоа е од исклучително значење.

Мекалистер го поздрави продолжувањето на дијалогот во февруари и истакна дека напредокот во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина е секако остварен и поздравен во Брисел.

Тој ги повика двете страни во следните недели да остварат конкретни резултати во спроведувањето на Бриселската спогодба.

– Европскиот парламент би сакал да види конкретни резултати и истовремено би ја поттикнал Европската комисија да ги отвори првите преговарачки поглавја со Србија, рече Мекалистер.