
Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор го повика во петокот американскиот колега по должност Доналд Трамп да престане со заканите со зголемување на царините за мексиканските производи, поради спорот меѓу двете земји околу имигрантите а што може силно да ја потресе мексиканската економија.
Претходно во четвртокот американскиот претседател Доналд Трамп навести дека ќе ги зголеми царините доколку Мексико не ги запре имигрантите кои нелегално ја минуваат мексиканско-американската граница. Од 10-ти јуни царините би се зглемиле за 5 отсто, и би растеле на месечно ниво, до 25 отсто на 1-ви октомври.
Сaмо ден по оваа закана од Вашингтон, Трамп во петокот изврши дополнителен притисок врз соседот. „Мексико веќе заработува богатство од САД, тие лесно може да го решат овој процес. Времето е конечно да се стори сѐ што треба да се стори“, напиша американскиот претседател на Twitter.
Ултиматумот кој дојде од Трамп досега е најголемиот надворешно политички предизвик за левичарскиот претседател на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор, кој влезе во шестиот месец од мандатот, со сите сили се трудеше да не одговара на „пецкањата“ од Трамп и ги избегнуваше конфликтите.
„Им порачувам на Мексиканците да не ја губат вербата, ќе го надминеме овој став на американската влада, тие ќе мора да се повлечат бидејќи мексиканскиот народ не заслужува да биде третиран на овој начин“, изјавил Обрадор пред новинарите.
Мексиканскиот министер за надворешни работи, Марсело Ебрард на Twitter однесувањето на Трамп кон Мексико го нарече „нечесно“, а за заканите со царини рече дека „немаат економска смисла за никого“.
Долку се зголемат американските царини на увезот на мексиканските производи, би претставувал тежок удар за економијата на Мексико којашто во голема мера се потпира на извозот во САД на низа производи, од авокадо и текила до телевизори и автомобили кои во оваа земја го склопуваат компаниите како „Ford“ и „Nissan“.
Американската трговска комора, влијателна деловна лобистичка организација, разгледува начини како да се спротистави на потегот на Трамп, вклучително и правни средства, рекол во петокот за Reuters неименуван претставник на комората. Со Трамп не се согласуваат и некои други индустриски групации, предупредувајќи дека царините би им наштетиле на американските компании, фармерите и потрошувачите кои веќе ги чувствуваат последиците од рговската војна меѓу САД и Кина.
Новите царини би можеле да ги загрозат новиот трговски договор со Канада и Мексико за кој Белата куќа бара дозволување од Конгресот.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс порача во телевизиско интервју дека администрацијата на Трамп го согледала сите добри и лоши страни на овој предлог. „Не само што добро ги промисливме, туку за тоа дискутиравме и во текот на кампањата и сега“, рече Сандерс за Fox News.
Миграциите се главниот приоритет за администрацијата на Трамп, но досега не успеа да спроведе реформи во миграциските политики, ниту доби одобрување од Конресот за градење на ѕидот на границата кон Мексико. Американските власти велат дека се соочуваат со рекорден број мигранти кои незаконски ја минуваат границата. Во голем дел станува збор за семејства од централна Америка кои бегаат од сиромаштијата, насилството и корупцијата во нивните земји.