Мексико прв финалист на Голд куп

Фудбалската репрезентација на Мексико е првиот финалист на првенството на средна и централна Америка, откако ноќта кон средата во Глдендејл по продолженија беше подобра од селекцијата на Хаити со 1:0.

Се чинеше дека Хаити, кој во четвртфиналето со 3:2 ја елиминираше фаворизираната Канада, е подготвен за ново изненадување откако благодарејќи на строго одбранбено поставената игра до 90 минута го одржуваше резултатот 0:0. Меѓутоа, на самиот почеток од продолженијата, во 93 минтиа, судијата со пенал го казни прекршокот на Џејмс Гефард над мексиканскиот напаѓач Раул Хименез кој и го реализираше за победа на својата селекција.

Ова е најдобриот резултат на Хаити на Голд купот во последните шест настапи, откако играше до четврфиналето. Мексико, пак, ќе се обиде по осми пат да победи на првенството на Северна Америка, Централна Америка и Карибите (Concacaf). Во недела во Чикаго на стадионот „Солџер Филд“ ќе игра со подобриот од вториот полуфинален меч меѓу САД и Јамајка.