Мелони драстично им ги намали социјалните додатоци на Италијанците

На стотици илјади Италијанци од вторникот им се укинати социјалните надоместоци, бидејќи владата на премиерката Џорџа Мелони воведе строги услови за примање на социјалната помош.

Примателите на социјалната помош минатиот петок беа известени со СМС-порака, што предизвика огорчување.

Според медиумите, околу 169.000 домаќинства се погодени со драстично намалената социјална помош. Економските коментатори веруваат дека исплатите, познати како основни приходи на граѓаните, би можело да бидат запрени за уште дополнителни 80.000 домаќинства кон крајот на летото.

Традиционално посиромашниот југ на Италија е особено погоден од новите мерки. Неапол, на пример, има најголем број луѓе кои примаат социјални надоместоци.

Социјалните додатоци сега ќе може да добиваат само домаќинства во коишто живеат малолетни лица, лица со инвалидитет или лица постари од 65 години.

Синдикатите и активистичките групи повикаа на масовни протести против кастрењата. Во некои јужни градови протести веќе се одржаа пред канцелариите на агенцијата за социјална грижа INPS.

На Сицилија, во општината Терасини, невработен маж својот гнев го изрази влетувајќи во канцеларијата на градоначалникот разлевајќи бензин со закани дека сѐ ќе запали, но набрзо бил оневозможен во намерата.

Опозициските политичари жестоко ја критикуваа оваа владина мерка. Поранешниот премиер Џузепе Конте, кој го воведе социјалниот додаток во 2019 година, потегот на Џорџа Мелони го нарече „идеолошка војна којашто се води преку грбот на најранливите“,

Социјалдемократиката Ели Шлејн кастрењата ги нарече „брутални“. Критичарите стравуваат од „социјална катастрофа“.