По педесет години vo служба на јавното здравство, Ентони Фаучи – поранешниот главен медицински советник на американскиот претседател Џо Бајден, ќе ја објави својата животна приказна во мемоари кои треба да излезат на 18. јуни.
Издавачката куќа „Viking Press“ оваа седмица ја најави автобиографијата „On Call: A Doctor’s Journey in Public Service” која ја прикажува импресивната кариера на 83-годишниот професионалец во јавното здравство кој стана светски познат како главен медицински советник на американските претседатели во текот на пандемијата на ковид-19.
„Се надевам дека овие мемоари ќе послужат како персонализиран документ за читателот подобро да ги разбере големите предизвици со кои се соочивме во јавното здравство во изминатите 40 години“, рече Фаучи. „Исто така, особено би сакал да ги инспирирам помладите поединци да размислат за кариера во јавното здравство и јавните услуги“.
Автобиографијата од 496 страници, достапна однапред за нарачка во повеќе формати, до петок веќе беше рангирана како ново издание бр.1 на Amazon.
„Мемоарите на д-р Фаучи допираат до неговото детство во Бруклин, Њујорк, неговата децениска посветеност на грижата за критично болните пациенти и неговите многубројни научни достигнувања и се вткаени во блиски односи со седум претседатели“, рече неговиот издавач за книгата.
Од 1984 до 2022 година, епидемиологот кој служеше под претседателите на САД, уште од времето на Роналд Реган, беше директор на Националниот институт за алергија и заразни болести и беше пионер во истражувањето на агенцијата за ХИВ и СИДА.
Поранешниот претседател Џорџ В. Буш му го додели на Фаучи Претседателскиот медал на слободата во 2008 година, пред тој да продолжи да го советува Обама за вирусите зика и ебола.
Фаучи се судри со администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп околу вакцините и здравствените упатства на почетокот на пандемијата на ковид-19 на почетокот на 2020 година.