Менкиноски кон Маричиќ: Програмата за правда ви е плагијат на таа на Бенито Мусолини

Програмата на СДСМ за делот на правото, насловен „Ред и дисциплина” е препишана од програмата на фашистичката партија на Бенито Мусолини, изјави Тони Менкиноски, претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата Анализа на ТВ 24 каде што дебатираше со министерот за правда Бојан Маричиќ.

– Тој што ви ја пишувал програмата дали знаете од каде ја препишал. Познат ли ви е овој лик. Бенито Мусолини, од таму ви се преземени, дури дополнително во програмата имате флоскули од Бенито Мусолини. Ова е програмата ред и дисциплина на Бенито Мусолини и вие многу добро знаете некој кој ви ја правел програмата, дури семантички препишувал од таа програма која е фашистичка -рече Менкиноски.

Менкиноски рече и дека се урива принципот на демократијата со најавената ревизија на судските пресуди изминатите 5 години, додавајќи дека овој процес е необјективен и нетранспарентен, односно како што рече тој, ова ќе го искористат во заплашување на одреден број на судии да носат сега не по телефон, туку во четири очи пресуди, бидејќи ќе бидат под надзор.

Можеби ќе ве интересира

– Ова ќе биде преседан во демократијата каде министерот за правда значи директно ќе влијае кои судии ќе бидат подобни, а кои нема да бидат подобни. Значи вие ги урнисавате демократските принципи и вешто се обидувате да скриете многу работи на пример последниот Извештај на Стејт Департментот каде што кажува во делот на корупцијата во судството има сериозен проблем – рече Менкиноски.

Маричиќ на тоа  рече дека овие пропаганди се прават за време на изборна кампања.

– Изборната кампања заврши имам нова влада, вакви фотографии имавме и во други дебати. Ред, правда и дисциплина се зборови од кои бега ВМРО.Трагикомични ви се протестите кои ги организирате и повикувате на ред, а единствениот поим за вас е ослободување на осудените за 27 април и само за вас не важи законот. Да кроиме политика во интерес на граѓаните. Опозицијата имала и ќе има подадена рака од власта – рече Маричиќ.