Во вечерашната емисија “Заспиј ако можеш” на Алфа телевизија гостин беше адвокатот Тони Менкиноски, човекот кој издвои две значајни и големи победи на судот во Стразбур за правата на Македонците во Р. Бугарија.
Истакна дека во моментов Бугарија е под миниторинг на Советот на министри поради неспроведување на претходните одлуки на судот во Стразбур кои се однесуваат на правото на здружување.
„Имено, ние во Бугарија имаме една партија која има 7,000-8,000 членови, ОМО Илинеден Пирин, која исто така го доби предметот во Стразбур и Бугарија сакајќи да го избегне тој процес, ја префрлаше вината на правосудниот систем. Бугарија се обидува дипломатски и со итрина целиот овој период да не ги спроведува овие одлуки кои претходно се добиени. Иначе Бугарија го има ратификувано Протоколот број 14, каде се бара задолжително спроведување на одлуките на судот во Стразбур. Ова е еден многу важен совет за нашата дипломатија, значи доколку сега Бугарија не ги спроведе и имплементира одлуките може да биде исфрлена од Советот на министри од судот во Стразбур“, рече адвокатот Тони Менкиноски.
„Форумот на ОБСЕ кој се одржува секоја година во Варшава е многу интересена настан. И 2005а година јас бев присутен на тој Форум заедно со другите Македонци од соседството. Значи на тој форум ние бевме потпомогнати од “Симеон Визентал” центарот, и ние успеавме да извојуваме да се зборува за македонското малцинство и за Рамковниот договор. Бидејќи тој е како рамка за уништување на останатите малцинства во Македонија затоа што имаме други малцинства кои не влегуваат во никакви квоти. После тој форум, кој е многу важен како настан, почна како кула од карти да им паѓаат пресудите во Стразбур. Значи овие две пресуди што излегоа по седум години, не се тукутака“, рече Менкиновски.
Оцени дека наместо да се демократизира, Бугарија настапува агресивно, негира јазик и историски личности
„Ние Македонците имаме сојузници надвор, свесни се многу држави што се случува со македонското малцинство, но моментално Бугарија се служи агресивно со напади за да се извлече од ситуацијата. Наместо да го демократизира нејзиното општество и да ги признае малцинствата кои се чувствуваат како такви и да почне да збори за добрососедство, Бугарија настапува агресивно, негира јазик, историски личности итн.”