Мерц ќе биде „шпицен“ кандидат на германските демохристијани на изборите во 2025-та

Претседателот на Христијанско-демократската унија (CDU), Фридрих Мерц, ќе биде кандидат за канцелар на Унијата на неговата партија со баварската Христијанско-социјална унија (CSU) на парламентарните избори следната година, објавија во вторник германските медиуми.

„Претседателот на CDU, Фридрих Мерцm и претседателот на CSU, Маркус Зодер, ќе го предложат Мерц за функцијата канцелар кандидат на Унијата CDU/CSU на изборите за Бундестагот следната година“, објавија германските медиуми повикувајќи се на извори во CDU.

Во моментов во Берлин се одржува средба со лидерите на CDU и CSU на која ќе се одлучува за кандидатот за канцелар. Официјално, кандидатурата на Мерц треба да биде претставена напладне на прес-конференција.

Претседателот на најбројниот огранок на CDU во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, Хендрик Вуст, кој заедно со Мерц и Зодер се сметаше за еден од можните кандидати за канцелар, во вторникот рано утрото објави дека се повлекува од трката за кандидатура.

Во понеделникот вечерта регионалниот огранок на CDU за Северна Рајна Вестфалија одлучи за Мерц, кој исто така доаѓа од таа сојузна покраина.

По правило, Унијата CDU/CSU назначува кандидат за канцелар од редовите на поголемата CDU, кој ја претставува демохристијанската опција на ниво на целата земја, со исклучок на Баварија, каде што CSU дејствува како автохтона демохристијанска партија. Во историјата на овој конзервативен блок, CSU само во неколку наврати номинираше кандидат за канцелар, кој загуби на изборите од социјалдемократски кандидат.

Фридрих Мерц е познат како претавник на тврдокорното крило во партијата, а неговата политичка кариера во CDU ја одбележа и конфликтот со поранешната долгогодишна канцеларка Ангела Меркел, исто така од CDU, поради што извесен период се повлече од политиката.