Мерката за обука и вработување кај работодавач дава резултати и затоа Владата донесе одлука истата да продолжи и следната година и со истата ќе бидат опфатени 340 лица.
Владата за оваа значајна мерка, чија цел е стекнување на стручни знаења и вештини, како и поттик на вработувања на ранливи категории на невработени, издвои буџет од 45 милиони денари. Со оваа владина мерка се опфатени лица од 50-55 години, лица со основно образование, лица корисници на социјална парична помош и други.
Оваа мерка е специјално димензионирана со цел да се даде поголема поддршка за вработување на лицата коишто потешко наоѓаат позиции на пазарот на трудот, се помалку конкурентни и затоа државата во еден одреден временски период финансира дел од трошоците за плата кај работодавците за ангажирање на овие лица со цел да ги мотивира компаниите да земат дел од овие лица, да ги вработат во рамките на своето претпријатие, да ги вклучат во деловниот процес, да поминат обука самите лица кои ќе бидат вработени со цел да се стекнат определени практични знаења и вештини и потоа по таа обука којашто државата ја финансира да се вработат во рамките на претпријатието, каде повторно работодавците ќе имаат определени средства кои ќе ги добијат од страна на државата и ќе ги наменат за плаќање на овие вработени лица. Мерката во минатото даде позитивни резултати и ние очекуваме овој тренд на позитивни ефекти да продолжи и во текот на следната година, рече портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев.
Досега вработени 700 лица во 400 компании
Мерката предвидува обука на работното место во рок од три месеци во кои обучуваните добиваат по 6200 денари месечно.
По завршувањето на обуката, работодавачот е должен да ги вработи, за што ќе добие субвенција во износ од 19.000 денари месечно за период од 6 месеци. По овие 9 месеци во кои државата субвенционира работодавецот има обврска да ги задржи вработениот во следните 12 месеци. Досега преку оваа значајна мерка беа вработени 700 лица во 400 компании.
Работодавачите можат да ја користат истата со поднесување на барање за користење во кое ќе го наведат профилот на работник од категории кои им е потребен. Потоа Агенцијата ќе ги разгледа барањата и од својата евиденција ќе му приложи листа со лица од кои работодавецот ќе може да избира.
Мерката е добра и за работодавачите кои сакаат да го шират својот капацитет и за невработените кои може да се вработат на овој начин. Повикот за користење на мерката ќе излезе веднаш на почетокот на годината.