Собранието утре треба да го прифати законското решение со кое 30.000 приматели на социјална помош ќе добијат предност при вработувања во приватните фирми. За премиерот Никола Груевски оваа мерка е позитивна и за примателите на социјалната помош и за работодавачите, како и за државата.
„Со оваа мерка ќе се даде можност сите оние кои се приматели на социјална помош, а тоа се над 30.000 луѓе, да имаат одредени предности при вработувањата така што работодавачот во првите две години од државата ќе добива надомест во висина од 80 проценти од износот на социјалната помош што ја примало лицето. На тој начин му олеснуваме, го мотивираме и охрабруваме работодавачот овие луѓе да ги повика, да ги ангажира во работниот процес онаму каде може да го направи тоа и се разбира доколку го прекине нивното вработување ќе треба да ги врати средствата“, изјави премиерот Груевски одговрајќи на новинарско прашање на промоцијата на реконструкцијата на болнички крила во ГОБ „8 Септември“.
Премиерот појасни дека ова ќе биде уште еден дополнителен стимул за работодавачите да ангажираат луѓе кои моментално се приматели на социјална помош со тоа што 80 отсто од висината на социјалната помош ќе ја земаат како надомест од државата во период од 2 години.
„И за државта тоа ќе значи олеснување затоа што две години ќе плаќа 20 отсто помалку, а подоцна нема воопшто да плаќа социјална помош за лицата кои ќе бидат вработени. За работодавачот ќе биде значителна конкурентна предност во делот на трошоците за ангажирање на работникот, така што на некој начин и едните и другите добиваат, а најмногу добива оној што ќе биде вработен, односно примателот на социјална помош“, истакна претседателот на Владата.