Меркел ја отфрла можноста да учествува во решавањето на војната во Украина

Поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел, често обвинувана за попустлива политика кон Русија, ја отфрла можноста за свој ангажман во решавањето на војната во Украина.

Одговарајќи на прашањето на италијанскиот неделник Sette, Меркел вели дека такво „прашање не е поставува“. Покрај тоа, признава и дека не знае точна како би можело да биде ставен крај на војната во Украина.

„Еден ден таа ќе заврши со преговори. Војните завршуваат на преговарачката маса“, изразува уверување поранешната германска канцеларка. Притоа Меркел додава дека има разлика меѓу „изнудениот мир“, којшто таа не го посакува, и „отворен и пријателски разговор“.

Во интервјуто за магазинот кој е додаток на миланскиот дневен весник Corriere della Sera, Меркел истакнува дека како германска канцеларка носела одлуки во однос на Русија и Украина, водејќи се од логиката којашто сѐ уште ѝ се чини како разумна.

„Се работеше за обидот да се спречи војна, како сегашната. Фактот дека во тоа не се успеа, не значи дека обидот бил погрешен“, рече Меркел.

Најдолговечната германска канцеларка оценува дека евентуалното приклучување на Украина и Грузија на НАТО, за кое се разговараше на самитот во Букурешт во 2008 година, би било грешка. Меркел во истиот контекст истакнува дека честопати не биле земани предвид последиците кои може да ги има таквата одлука, како во однос на реакцијата од страна на Русија, така и за самиот НАТО.

Меркел ја потврдува во интервјуто и својата оцена за договорите од Минска од 2014 и 2015 година, во кои гаранти за мирот во Донбас се јавуваа Германија и Франција, покрај Киев и Москва, којашто ја искажа во интервјуто на почетокот од декември за германскиот весник Die Zeit.

„Минските договори од 2014 година беа обид да ѝ се даде време на Украина. Украина го искористи тој период за да зајакне, како што се гледа сега. Оваа земја во 2014/2015-та не беше иста како што е денеска. И се сомневам дека (тогаш) НАТО ќе можеше да направи многу за помош на Украина, како што тоа го прави сега“, вели Меркел.

„Сите сфаќавме дека тоа беше замрзнат конфликт, дека проблемот не е решен, но тоа беше она што ѝ даде на Украина драгоцено време“, повтори Меркел.

Одговарајќи на прашањето за причините за градењето на гасоводот Северен тек 2, за што беше остро критикувана од сојузниците во ЕУ и во НАТО, во прв ред од САД, Меркел го истакнува фактот дека сега „секоја молекула од рускиот гас се претставува како ѓаволска“.

„Од друга стана, одобрувањето за Северен тек 2 не ја бараше државата Германија, туку компаниите. За владата и за мене тоа беше прашање дали да се донесе нов закон со кој се одбива дозволата за Северен тек 2“, појаснува Меркел.

Според неа, таквото одбивање, во комбинација со (неисполнувањето на) Минските договори, само ќе ги влошило односите со Русија.

„Енергетската зависност (на Германија од Русија) се појави поради тоа што од Холандија и Велика Британија доаѓаше помалку гас, а обемот на неговото производство во Норвешка беше ограничен“, уверува Меркел.

Во продолжение, поранешната канцеларка смета дека реакцијата на Западот на повторното обединување на Крим со Русија по превратот во Киев во 2014 година, не била доволно остра и брза. Потсети дека тогаш Русија беше исклучена од групата Г8, НАТО ги распореди ударните борбени групи во земјите на Балтикот и донесе одлука за зголемување на воената потрошувачка за земјите членки на 2 отсто од БДП-то.

„Но моравме и побрзо да реагираме на агресивноста на Русија. И покрај зголемувањето, Германија на ја постигна целта од 2 отсто. И јас, исто така, не давав сѐ од себеси секојдневно за да ја поддржам ова цел“, заклучува Меркел.