Меркел: Приливот на бегалци треба да се гледа како „можност за иднината“

Германскиот канцелар Ангела Меркел во новогодишната порака ги повика Германците да гледаат „можност за иднината“ во врска со рекордниот прилив на бегалци во државата, пренесува МИА.

Годинава што изминува државата прими повеќе од милион азиланти и беше полна со предизвици, наведува Меркел чие новогодишно обраќање е претходно објавено.

Германската канцеларка нагласи дека следува уште еден проблем, но дека сето тоа на крај ќе се исплати за државата „бидејќи земјите секогаш имале корист од успешните имиграции, економски и социјално“.

Сепак, од клучно значење е да не ги следиме оние кои студено или дури и со омраза укажуваат што значи да се биде Германец или настојуваат да ги исклучат другите, порачува Меркел.

Таа потсетува дека Германија и во минатото излегувала на крај со такви предизвици како што беше повторното обединување и дека создала силна економија полна со иновации.

Уверена сум дека ако се решава на правилен начин, денешната голма задача како што е приливот и интеграцијата на толку многу луѓе, ќе биде прилика за иднината“, нагласи германскиот канцелар Ангела Меркел.