8.8 C
Skopje
четврток, јануари 30, 2025

Меркел првпат го посети Аушвиц и и оддаде почит на жртвите

Ангела Меркел, која 14 години е германски канцелар, денеска за првпат го посети поранешниот концентрационен логор Аушвиц.

Германската канцеларка вети донација од 60 милиони евра во фондот за реставрација и заштита на физичките остатоци на кампот, како бараки, кули за надгледување и лични предмети на оние кои умреле таму. Ова се надоврзува на претходната донација на државата од 60 милиони евра, дадена кога фондот беше основан пред една деценија.

 

Меркел кој го посетува кампот среде сѐ поизразениот антисемитизам во Германија, беше придружувана од еден од преживеаните затвореници и од полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

Откако помина низ капијата, Меркел со минута молчење им оддаде почит на жртвите пред таканаречениот Црн ѕид, каде што биле егзекутирани илјадници затвореници, а потоа се упати кон кампот Биркенау, каде што ќе одржи говор.

Посетата на Меркел се случува во пресрет на одбележувањето на 75-годишнината на ослободувањето на кампот, што се случи на 27 јануари 1945. Во логорот Аушвиц-Биркенау биле убиени 1,1 милион луѓе, најмногу Евреи.

Прв кој го посети поранешниот концентрационен логор, беше Хелмут Шмит во 1977-та година и единствен досега кој одржал  говор.

– Сигурен сум дека германски канцелар овде не смее да молчи“ рече тогаш Шмит. По Шмит, Аушвиц го посети и Хелмут Кол во периодот на падот на берлинскиот ѕид во 1989-тата година.