Германската канцеларка, Ангела Меркел е подготвена да се повлече од функцијата претседател на најголемата партија во Германија по катастрофалните резултати на изборите во германската покраина Хесен, јави Ди Велт, повикувајќи се на извори од таа партија.
Во разговорот со водечките луѓе на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Меркел, наводно, изјавила дека нема да се кандидира за претседател на партијата во декември на внатрешнопартиските избори.
Одлуката да се повлече од кандидатурата Меркел ја изнела на седница на партиското претседателство, а беше потврдена од неколку независни извори, но според агенцијата ДПА, тоа не значи дека Меркел планира да се повлече од позицијата на канцеларката.
ЦДУ на изборите во Хесе вчера изгуби дури 11,3 процентни поени во однос на последните избори во покраината, која се смета за финансиски центар на Германија поради градот Франкфурт во кој се канцелариите на многу водечки меѓународни банки, франкфуртската берза и седиштето на Европската централна банка.
На истите избори потоп доживеаа и социјалдемократите (СПД), коалициски партнери на Меркел на државно ниво, поради што лидерот на СПД, Андреа Налес веќе најави „преиспитување на работата на Владата“, што некои аналитичари го толкуваат како можност за распад на коалицијата, која канцеларката Меркел ја држи на власт.